Утрински Весник
Македонија

Сопственикот на „Мош“ приведен во станица, казнети и 38 гости оти не носеле маски

(Видео) Настап на Владо Георгиев во Скопје без маски и дистанца

Полицијата по полноќ го привела лицето управителот на ланч барот „Мош“,  М.Д. (41) од Скопје каде викендов се случуваше концерт на Владо Георгиев без почитување на протоколите.

Сопственикот на локалот е приведен поради непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

„Лицето М.Д. не го применувал протоколот за отворање и работа на угостителски објекти за исхрана и протоколот за отворање на кафетерии, како и здравствените прописи за време на епидемија. Конкретно, организирал музички настан – концерт каде што помеѓу гостите не се почитувало дозволеното растојание од 1,5 до 2 метри и повеќето лица не носеле заштитни маски на лицето, и не биле исполнети и други одредби од пропишаните здравствени протоколи“, велат од Владата.

Претходната вечер, на барање и во координација со Државниот пазарен инспекторат, полициски службеници биле во ланч барот „Мош“ при што на одговорното лице од страна на пазарните инспектори му било укажано да ги почитува мерките, особено по однос на задолжителното физичко растојание на масите и носењето заштитни маски.

Потоа во периодот од 21:00 до 23:00 часот повторно била извршена контрола на угостителскиот објект, при што се констатирани неправилности.

Полициските службеници издадоа и 38 платни налози на гости во локалот што не носеле заштитни маски, а од страна на ДПИ констатирано било дека не се почитува растојанието меѓу масите од 1,5 метар. Воедно, во истиот угостителски објект, околу 22:30 часот од страна на полицијата повикани се и претставници на Инспекторатот за животна средина од Oпштина Центар и извршено било мерење на бучавата во локалот. Притоа е констатирано дека таа била над дозволените граници, за што дополнително ќе биде доставена прекршочна пријава од Инспекторатот за животна средина.

 

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Петрушевски: Поднесените амандмани се популистички

Општина Струмица ѝ предаде објект на Фондацијата „Елеуса“

Никој не го отворил прашањето дека може без Албанците, вели Меџити за изјавата на Ахмети од Швајцарија