Сопругата на претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска вчеравечер во Вила Водно одржа предавање за студенти по медицина на тема: „Симплифицирана 3D визуелизација: µCT евалуација in vitro и in vivo“. На настанот на којшто беа присутни дваесетина студенти по медицина присуствуваше и министерот за здравство, Венко Филипче.
Предавањето коешто е организирано во соработка со Здружението на студентите по медицина, е дел од иницијативата која беше започната во февруари годинава, со предавањето на министерот за здравство, Венко Филипче, од областа на неврологијата, реализирано во канцеларијата на претседателот, МладиХаб.
Ѓоргиевска на студентите по медицина им зборуваше за една нова техника на визуелизација – микро компјутерска томографија од истражувачки аспект при што истакна дека оваа тема е поразлична од она што секојдневно го слушаат и работат бидејќи освен со стручните истражувачки податоци ќе имаат можност да се запознаат со значењето на меѓународната соработка и со тоа што се прави во светот на оваа тема.
„3D микроскопија со x-зраци овозможува да се визуелизира внатрешната 3D структура на примероците на недеструктивен начин. Технолошкиот метод кој стои зад ова е микрокомпјутерската томографија, техника на недеструктивно снимање, кое го користи истиот метод како медицинските CT скенови, но на исклучително тенки пресеци со екстремно зголемена резолуција, при што може да се добијат микрофотографии дури на субмикронско ниво“, истакна Ѓоргиевска на предавањето за студентите по медицина.
Од Здружението на студенти по медицина беше истакнато дека во овој кризен период тие како млади идни лекари треба да имаат активна улога во својата локална заедница, прво за да дадат пример, а потоа преку активности, проекти и соработка меѓу нив да помогнат и да бидат поддршка на здравството во државата во справувањето со Ковид-19.
На предавањата можат да присуствуваат сите заинтересирани лица бидејќи истите се од отворен тип и се корисни за сите идни медицински работници овозможувајќи им преку директен контакт и разговор да добијат одговори на прашања кои останале неодговорени, како и можност за покренување на нови иницијативи.
Целта на иницијативата е студентите и младите лекари да се запознаат со вредни трудови на стручњаци од областа на медицината и надвор од нивните специјализации и просториите на факултетот.