Скопје, 1 мај 2020 (МИА) – Советот на амбасадори смета дека Договорот за добрососедство склучен меѓу премиерите Борко Борисов и Зоран Заев е единствениот пат на зајакнување на меѓусоседските односи меѓу Бугарија и Северна Македонија и пријателството меѓу двата народа.
– Советот на амбасадори и натаму е убеден дека минатото не научи дека треба да бидеме свртени кон иднината, без условувања, туку напротив со отворена поддршка како што е заедничката заложба во Договорот и чесните изјави дека треба да ги отпочнеме преговорите и побргу да ги исполниме условите за полноправно членство во Европската унија, се наведува во соопштението од Советот на амбасадори испратено по дебатата која се отвори во јавноста за македонско-бугарските односи и изјавата на првиот министер за надворешни работи Денко Малевски.
– Низ медиумите се јавија поединци и припадници на разни политички страни, подоцна и претставници на високи државни инстанци. Сите тие мислат, не се согласуваат, се оградуваат и на свој начин ги критикуваат и толкуваат позициите на поранешниот министер за надворешни работи. Некои сметаат дека неговата ненадејна и чудна позиција, со уште почудно толкување се базира на разни новинарски извештаи и изјави и секако „заборавање“, на уште посилни и поинакви факти од сознанијата од голем број релевантни државни архиви на ЕУ земји, САД но и други земји кои на свој начин и за свои интереси ги следееле настаните на крајот на 19 иот и почетокот на 20 тиот век. Познато е дека Јужниот дел на Балканот, во кој се наоѓал дел од географскиот простор на Македонија, бил неколку стотини години постојано запоседнат или окупиран од разни држави во години чии служби внимателно и за различни интереси следеле се’ до создавањето на првата Народна Република Македонинја во составот на Поранешна СФР Југославија, велат од Советот на амбасадори.
Потсетуваат на нивниот став изнесен на 24 декември минатата година дека условот Северна Македонија да стане членка на ЕУ не би требало да биде прифаќање на интерпретацијата на бугарските историчари за потеклото на македонската нација и македонскиот јазик како единствена историска вистина, туку тоа да се заснова на заедничката вистина утврдена од комисиите кои треба да ги унифицираат разиките во толкувањето на заедничкото историско минато.
Советот на амбасадори оценува и дека реакцијата од Кабинетот на претседателот на државата е со мало задоцнување и се изнесува, како што велат „благо“ мислење за човек кој заземал високи позиции во државните структури и во моментот е надворешен советник. бак/