Скопје, 23 март 2020 (МИА) – Од утринава во земјава врне снег, иако календарски настапи пролетта. Управата за хидрометеоролошки работи соопшти дека најмногу снег има наврнато во Маврови Анови – 11 сантиметри. Повремени врнежи од снег се очекуваат и во текот на следните два дена.
Снег има во Пожаране каде снежната покривка е девет сантиметри, во Лазарополе осум сантиметри, во Тетово пет сантиметри, во Крива Паланка четири сантиметри, во Куманово и Ѓуриште три и во Крушево и Берово два сантиметри.
Минималните температури во дел од градовите се спуштија под нулата. Најстудено било во Маврово каде се измерени -6 степени, а под нулата утринските температури биле и во Лазарополе, Крушево, Крива Паланка, Зајчев Рид кај Скопје, Куманово, Тетово, Штип и Берово.
За денеска се најавува облачно, студено и ветровито време со врнежи претежно од снег. Најобилни врнежи се очекуваат во источните делови. Засилен северен ветер ќе дува долж Повардарието. Максималната температура ќе се движи во интервал од 0 до 5 степени.
Во Скопје облачно со повремен снег и со умерен до засилен северен ветер. Максималната температура ќе достигне само до третиот степен.
Снегот утринава го отежна и патниот сообраќај, кој засега се одвива без забрани но по влажни коловози. Авто мото сојузот на Македонија информира дека врнежи од снег има на Стража, Пресека, Маврово, Попова Шапка, Плетвар, Кула и Крива Паланка – граничен премин Деве Баир. Намалена видливост од 20 до 50 метри поради магла има на планинскиот премин Ѓавато.
Повремени врнежи од снег ќе има и утре и во среда. Најобилни ќе бидат врнежите во источните делови од државата кде се очекува формирање на снежна покривка и над 20 сантиметри. Во останатите подрачја можна е помала снежна покривка, главно околу пет сантиметри, освен на планините каде се очеува повисока снежна покривка.
Според прогнозата на синоптичарите, облачното време ќе се задржи до сабота, но врнежите поради затоплувањето ќе бидат главно од дожд. бак/сп/