Утрински Весник
Свет

Снегот ја блокираше Грција – бројни области без струја, возачи заробени на патиштата

Снегот ја блокираше Грција – бројни области без струја, возачи заробени на патиштата

Снежната покривка синоќа ја зафати цела грчка престолнина, при што беше нарушен авиосообраќајот и заробени десетици возачи на автопатот.

Најдраматична е ситуацијата на автопатот Атика Одос, обиколница околу Атина која го поврзува главниот град со аеродромот, каде во моментов се уште се заробени стотици возила, пренесува грчкиот портал Катимерини.

Спасувачките тимови цела ноќ се бореа за да ослободат стотици возачи во време кога бура наречена „Елпида“ ја погоди Грција и ја покри Атина со дебел слој снег, јавува Ројтерс.

Во акцијата за спасување учествуваат копнени спасувачки единици со тешка механизација и амбулантни возила.
Грчкиот министер за климатски кризи и цивилна заштита Христос Стилијанидес ја обвини компанијата задолжена за патот за ваквата состојба на обиколницата, наведувајќи дека нејзините лидери на неколку состаноци со владините претставници увериле дека ќе имаат доволно опрема за да го одржат патот отворен за сообраќај.

Грчките медиуми прикажаа снимки од војници како делат храна, вода и ќебиња со некои од возачите додека температурата паѓала во текот на ноќта.

Обилните снежни врнежи се ретки во Атина, но градот втора година по ред го погодува снежно невреме.

Петнаесет патници се повредени кога шинско возило се обидело да повлече воз со околу 200 патници, кој застанал во обилниот снег во централна Грција.

Двајца од повредените се во тешка состојба, соопшти полициски претставник.

Железничкиот и автобускиот сообраќај во Атина е суспендиран, а капацитетите за вакцинација против Ковид-19 во поширокиот регион на Атина и на блискиот остров Евија се затворени, соопштија здравствените власти.

Владините служби, училиштата, продавниците и банките кои не се потребни во двете области и на многу грчки острови, вклучително и Крит, исто така ќе бидат затворени денеска бидејќи студеното време се очекува да трае до утре.

Грчката авиокомпанија AegeanAirlines вчера ги откажа речиси сите летови освен пет, и најави дека распоредот најверојатно ќе биде нарушен денеска и утре.

Во регионот на Атика, некои области во моментов се без електрична енергија поради штетите предизвикани од континуираните снежни врнежи.

Министерот за климатски кризи и цивилна заштита Христос Стилијанидес синоќа изјави дека сите јавни услуги се суспендирани, освен општинските и регионалните власти, вооружените сили и безбедносните сили, јавното здравство и другите служби чија работа е неопходна за справување со вонредните временски услови.

Јавниот превоз ќе работи каде што е можно, особено возовите, метрото во Атина и трамваите.

Сите градинки и училишта денеска ќе бидат затворени, а нема да се одржува ниту онлајн настава, бидејќи нема да има неопходен административен персонал за нивно водење.

Министерот изјави и дека од попладнево ќе има помалку снег, но дека мразот ќе се задржи.

Можете да прочитате

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници

Долниот дом на Парламентот во Австралија го усвои предлог-законот за забрана за користење на социјалните мрежи за деца под 16 години