Утрински Весник
Свет

Службеник на шведското МНР издал визи за 100 Авганистанци на лажна основа

Службеник на шведското МНР издал визи за 100 Авганистанци на лажна основа

Вработен во Министерството за надворешни работи на Шведска се соочува со затворска казна откако беше уапсен за издавање на повеќе од 100 визи за мигранти од Авганистан на лажна основа, пренесува шведскиот радиодифузер СВТ.

Службеникот, сега поранешен вработен во министерството, им издал најмалку 121 виза за постојан престој на луѓе од Авганистан додека работел во Шведската амбасада во Исламабад, Пакистан.

Според обвинителот Арне Форс, службеникот ги игнорирал очигледните предупредувачки знаци кај авганистанските баратели, вклучително и фалсификувани документи што сугерираат дека шведската компанија „Ериксон“ поканила дел од Авганистанците да учествуваат на тениски турнир.

„Мислам дека ќе побарам затворска казна“, изјави Форс за СВТ.

Адвокатот на поранешниот вработен во Министерството, Томас Бодстром, ги отфрли сите обвиненија, тврдејќи дека целата работа се заснова на погрешна претстава од страна на Шведскиот миграциски одбор и дека неговиот клиент не направил грешки.

„Ова е конфликт со Законот за работни односи што излезе од контрола“, тврди Бодстром.

Во 2018 година, шведскиот Национален завод за ревизија откри многу неправилности во шведските амбасади во врска со издавањето визи. Една амбасада дури изгубила стотици визи за кои се сомневаше дека биле украдени и продадени на црниот пазар.

Шведска бележи пораст на масовната имиграција во изминатата деценија, при што земјата од 2007 година досега додели 1,2 милиони визи. Миграцијата продолжува да биде главниот двигател на растот на населението во Шведска. Во 2019 година, таа беше одговорна за 73 отсто од растот на населението.

Во меѓувреме, наталитетот на Шведска бележи постојан пад во последните години, а извештајот за 2018 година покажува дека просечниот наталитет е само 1,78 деца по жена.

За домородното шведско население, стапката е всушност нешто пониска од 1,78, додека кај жените со мигрантско потекло, стапката на наталитет е 2,2 деца по жена.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

На Германија ќе и требаат дополнителни 288.000 странски работници секоја година до 2040

Австралија го забранува пристапот до социјалните мрежи за помлади од 16 години

Путин до Меркел: Ангела, извини, не знаев дека се плашиш од кучиња