По најстрогите мерки воведени кон крајот на октомври, словенечката влада донесе одлука за ублажување на некои од нив, така што јавниот превоз ќе биде делумно обновен од 15 до 23 декември и ќе започне повторно да работат некои услужни активности.
Низ целата земја, јавниот превоз ќе биде обновен во помала мера во тој период, во согласност со епидемиолошките мерки и намален број на патници во возилата, а дозволено е работење на автоперални, цвеќарници и салони за нега, објави премиерот Јанез Јанша на Твитер.
Олеснети се и некои мерки за ограничување на движењето за време на епидемијата, но само во 4 од 12-те статистички региони, оние што во моментов имаат помала инциденца на коронавирус, односно подобра епидемиолошка слика од другите.Станува збор за Централниот регион, кој ја опфаќа областа Љубљана и регионите Горичка, Обално-крашка и Горењска.
Во нив, жителите ќе можат да одат надвор од подрачјето на општините, но не и надвор од регионалната граница, додека за сите други, затворањето во општините на живеење сè уште важи.Сепак, слободата на движење во рамките на овие региони ќе им биде достапна само на оние кои инсталирале апликација за следење контакти на своите мобилни телефони.
Продавниците за облека и обувки и продавниците за спортска опрема имаат дозвола да работат во споменатите 4 региони со подобра епидемиолошка состојба до 23 декември, но забраната за напуштање на станот и куќата од 21 до 6 часот наутро, односно полициски час, останува во сила за целата земја.