Утрински Весник
Свет

Словенија го објави планот за отворање на економијата

Словенија го објави планот за отворање на економијата

Словенечката влада денеска одреди критериуми според кои одредени дејности постепено ќе се отвораат, по најстрогите мерки за заштита од вирусот воведени пред пет недели, кои сè уште не го даваат посакуваниот резултат.

Станува збор за еден вид „семафор“ кој го поврзува ублажувањето на мерките со просечниот број на дневни инфекции во последната недела односно со бројот на лица заразени од Ковид-19.

Според семафорот, кој го дели развојот на вториот бран на епидемијата во фази, до првото релаксирање на мерките може да дојде во т.н. црвена фаза, кога неделниот просек на дневно потврдени инфекции со коронавирус ќе падне под 1.350, а бројот на хоспитализирани пациенти на помалку од 1.200.

Во таа фаза, според планот на владата, објавен на „Твитер“ од премиерот Јанез Јанша, повторно ќе бидат отворени музеите, библиотеките, галериите, фризерските и салоните за убавина, како и студијата за маникир и педикир, а јавниот превоз ќе биде отворен во ограничена мерка.

Моментната состојба во Словенија е дека неделниот просек на дневни инфекции е 1.461 новозаразен, а во болниците има 1.289 пациенти, соопшти Јанша, додавајќи дека Словенија во моментов е во т.н. „црна фаза“ и сè уште е далеку од зелената, во која ќе има целосно олабавување на мерките и ограничувањата.

Како што јавуваат словенечките медиуми, ,меѓу владата и епидемиолозите последниве денови имало мал консензус во врска со можните попуштања, бидејќи се најавуваше дека следната недела училиштата ќе бидат повторно отворени и дека ќе завршат онлајн предавањата, но сега е јасно дека тоа нема да се случи. Како што се наведува, не е јасно ниту што ќе се случи со евентуалното отворање на ски-центрите, за што исто така се дискутира но целата ситуација е под голем знак прашалник.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

НАТО: Поддршката за Украина продолжува

Израел прифати примирје со Хезболах

Телефонски разговор Трудо-Трамп – 24info.mk