Утрински Весник
Македонија

Скопје славеше по фудбалската победа и пласманот на Европското првенство [галерија]

Скопје славеше по фудбалската победа и пласманот на Европското првенство [галерија]

Победата на македонската фудбалска репрезентација во мечот против Грузија и извојуваниот пласман на претстојното Европско првенство, вчеравечер и во текот на ноќните часови се прославуваше масовно во главниот град, Скопје.

Првиот пласман на Европското првенство во фудбал во македонската историја ги извади скопјани на улиците, при што често пати можеа да се видат и знамиња и шалови со сонцето од Кутлеш, а дел од препознатливите навививачи извикуваа и националистички пароли.

Репрезентацијата, која од Тблиси, главниот град на Грузија, слета во Приштина, на граничниот премин Блаце во земјава рано утрово беше пречекана од премиерот Зоран Заев, новинарски екипи и навивачи. Заедно со Заев, на пречекот беа и првиот вицепремиер Артан Груби како и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.

„Оваа радост ја донесоа македонските фудбалски јунаци кои ги оставија срцата на теренот во Тбилиси и донесоа победа која македонската историја не ја памети до сега, со што македонската фудбалска репрезентација ќе учествува на Европското фудбалско првенство. Целата држава, сите македонски граѓани ја споделуваат радоста за успехот на фудбалската репрезентација. Еден гол за сите, една победа за сите. Така е кога заедно играат Македонци, Албанци, Турци… во исти дресови, под исто знаме и за заедничката татковина. Ова покажува дека само заедно можеме еден за сите, сите за еден“, рече Заев.

Премиерот соопшти дека владата ќе ги награди сите членови на фудбалската репрезентација со по 10 000 евра.

И Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, им го честиташе историскиот успех на македонските репрезентативци.

„Победа вредна 30 години и историски резултат. Честитки за јунаците кои со срце, вложена сила и талент покажаа дека Македонија може големи работи. Македонија ви се поклонува. Колку сме, толку сме, токму сме. Ние сме Македонци. Напред Македонијо!“, порача Мицкоски на Фејсбук.

Министерот за здравство Венко Филипче, исто така ја честиташе победата, но предупреди за време на прославата да се почитуваат мерките за заштита од ковид-19, што, за жал, не беше целосно испочитувано.

„Браво момци Македонци! Секоја чест, испишувате историја! Голем ден за заслужено славје, сепак ве замолувам тоа да биде со почитување на мерките за заштита. Возбудата е огромна, но верувам дека ова е само почеток на прославите на успесите на македонската репрезентација“, напиша Филипче на социјалните мрежи.

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор