Паневропската Унија на Македонија и ПанЕвропа Бугарија ги повикаа владите на Бугарија и Македонија да продолжат со комуникацијата во духот на добрата волја.
Оттука ја поздравуваат и определбата, демонстрирана од Македонија, да испорача на агендата за реформи за членство во ЕУ, со исполнување на условите за отворање на пристапните преговори. Сметаат дека различните ставови за историјата на двете земји не треба да бидат пречка за нивната заедничка европска иднина.
„Ги повикуваме владите и институциите на Бугарија и Македонија да продолжат со комуникацијата во духот на добрата волја и да ги надминат сите препреки што можат да го попречат напредокот на Македонија кон нашата заедничка европска иднина“, се вели во соопштението.
Според нив, двостраните добрососедски односи меѓу Бугарија и Македонија треба да се градат врз основа на меѓусебна доверба, почит, економски развој, културна размена и разбирање едни за други, но исто така и на неоспорното право на самоопределување, и принципите и вредностите на ЕУ.
„Ние целосно ги поддржуваме активните мерки, приближувајќи ги македонската и бугарската нација, избегнувајќи негативна реторика што се користеше во изминатите децении, која за жал носеше поделби во нашите односи“, се наведува во соопштението.
Во продолжение потсетуваат на инструменталната улога на Бугарија како претседавач на Советот на ЕУ во 2018 година за враќање на проширувањето на Западниот Балкан на европската агенда.
„Убедени сме дека со прогресивниот напредок на евроинтегративниот процес на Македонија со поддршка и менторство од страна на Бугарија, врските меѓу двете нации ќе станат уште посилни, а тоа ќе донесе засилено чувство за европскиот дух на меѓусебно разбирање и соработка, во односите меѓу двете земји“, се додава во соопштението.