Утрински Весник
Македонија

Синдикатот на Клинички центар ги повикува надлежните да ги повлечат вработените во здравствените установи од избирачките одбори и комисии

ССКЦ ги поддржува предложените измени во Законот за здравствената заштита

Скопје, 29 јуни 2020 (МИА) – Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар соопшти дека неприфатлива е одлуката вработени во јавните здравствени установи, вклучително доктори и медицински сестри во овие моменти да бидат вклучени во избирачки комисии и одбори.

– Министерот за здравство, поради недостиг и истрошеност на здравствен персонал донесе колеги од другите градови да помогнат во работниот процес во Градската општа болница „8 Септември и во Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби. Спротивно на тоа се носи одлука дел од здравствениот персонал од Скопје да биде вклучен во изборниот процес што потенцијално може да придонесе до поголем недостиг на здравствен персонал. Претседателот на ДИК вели дека „имал разбирање и ги оправдувал здравствените работници, но не било законски да се изврши замена“ и дека како и сите други „ќе морале да поднесат барање за изземање од општинските изборни комисии за да може да се одговори на нивните барања“, стои во соопштението.

Со неизземањето на здравствените работници од избирачките места и очигледното префрлање на одговорноста, посочуваат од Синдикатот, институциите на системот може дополнително да придонесат до непосакуван колапс на здравствениот систем.

Од Синдикатот на Клиничкиот центар јавно ги повикуваат надлежните институции преку системско, а не поединечно решение да ги повлечат вработените во здравствените установи од избирачките одбори и комисии.

Осврнувајќи се на партиите за нивните програми во делот за здравство, од Синдикатот наведуваат дека тие се далеку од нивните јавно искажани заложби за 100.000 денари основна нето плата за докторите специјалисти за која се залагаат и кажуваат дека е реална.

– Далеку сте и од двојното зголемување на платите на медицинските сестри. Другите барања воопшто не ги ни споменувате. Откако со вакви програми дополнително ќе ги натерате докторите и медицинските сестри да ја напуштат државата ќе имате можност да правите реформи во здравството. Се друго, очигледно е само декларативно и служи на вашите партиски предизборни потреби и цели, стои во соопштението од Синдикатот. рп/ац/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Филипче: СДСМ не е лична сопственост ниту на Бранко, ниту на Заев, а најмалку моја

Филипче: Ароганцијата ќе ја закопаме длабоко под земја

Ахмети од Швајцарија: Без Албанците, Северна Македонија нема иднина