Утрински Весник
Македонија

Симовски: Пописот е неопходен за креирање и планирање на економскиот и социјалниот развој на државата

Апостол Симовски, фото : Здружение „Цивил“

Пописот е статистичка, сложена операција и никако не може да има политичка конотација. Во согласност со препораките на ОН и дефинициите на „Евростат“, тој треба да даде податоци за одредени категории лица, резидентно население кое живее во Северна Македонија и вкупно нерезидентно население, односно лица државјани на РСМ кои престојуваат во странство повеќе од 12 месеци и членови на нивните домаќинства. Но, пописот е неопходен и за добивање на основни податоци за пазарот на трудот, за планирање на економскиот и на социјалниот развој, важни информации за бизнис секторот и за сите институции.

Ова, меѓу другото, го истакна директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС) Апостол Симовски, на панел-дискусијата на тема: „Како сѐ може да се (зло)употреби пописот?“ , која ја организираше здружението на граѓани „Цивил– Центар за слобода“.
Симовски одговараше на прашања во врска со пописот 2021 година, кој ќе се спроведе од 1 до 21 април, за постапката на спроведување и за потребата од оваа сложена статистичка операција.

„Со Методологијата се разјаснети повеќе прашања околу категориите на населението кое ќе се попишува. Вклучувањето на оние кои се наоѓаат повеќе од една година надвор од државата, е од големо значење, бидејќи цениме дека е потребно да знаеме колкава е таа бројка, каква е нивната структура по сите основи, образование, возраст, пол, работоспособност, од кој дел на државата се, и друго“, изјави Симовски и додаде дека пописот кој претстои ќе даде елементарни податоци за планирањето на развојот на државата во сите сегменти.

Во врска со правото за изјаснување на етничка припадност, тој рече дека дека секој граѓанин има право да се попише по свое лично убедување, без разлика на уставно пропишаните категории на припадници на етнички заедници.

ДЗС е персонално и технолошки подготвен да ја спроведе оваа сложена операција, а на прашањето за евентуално одложување на пописот, според Симовски, не постои можност за такво нешто, поради временскиот период кој е регулиран со Законот за попис, но и поради потребата, конечно, после повеќе од 18 години да се добијат квалитетни податоци.

 

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер