Скопје, 27 февруари 2020 (МИА) – Генералната директорка на АД „Мепсо“, Ева Шуклева информираше дека синоќешниот ветер уништил дел од фасадата на АД „Мепсо“, односно фасадата што се наоѓа во внатрешниот дел на зградата и служи како паркинг-простор во објектот. Откорнати се и десетина клима-уреди.
– Вчерашниот ветер буквално ја соголи административната зграда на „Мепсо“, голем дел од фасадата се најде на земја. При тоа откорнатите парчиња стиропор оштетија неколку возила, откорнати се и десетина клима уреди. Налетот на ветрот за само неколку часа покажа колку небезбеден може да биде проектот „Скопје 2014“ и за животот на луѓето, нагласи Шуклева.
Таа посочи дека има делови кои во секој момент без ветер може да се урнат и истакна дека за проектот насловен „Реконструкција и адаптација на зградата“, кој имал за цел подобрување на енергетската ефикасност, минатата Влада потрошила повеќе од 10 милиони евра.
– Го обезбедивме целиот простор што е зафатен од урнатините. Полицијата направи записник. Осигурителните компании и стручните лица вршат проценка на настаната штета, наведе генералната директорка на АД „Мепсо“.
Шуклева истакна дека поради повеќе наследени состојби и пропусти во изведбата, донесена е одлука за спроведување на внатрешна ревизија која треба да ја утврди фактичката состојба во однос на активностите преземени од страна на изведувачот и согласно склучениот договор во 2013 година.
Одговарајќи на новинарско прашање дали изведувачот е „Бетон“ Штип и како ќе постапуваат понатаму со оглед на тоа дека таа компанија е во стечај, Шуклева одговори потврдно, наведувајќи дека е активирана и наплатена банковата гаранција, пред фирмата да влезе во стечај. Средствата, како што рече, ќе бидат искористени за довршување на ненаправените работи во зградата. см/сп/