Светската здравствена организација (СЗО) потврди 18 напади врз здравствени установи, здравствени работници и амбулантни возила во Украина, што резултирало со десет смртни случаи и 16 повредени, изјави шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
„Овие напади ја ускратуваат здравствената заштита на целата заедница“, рече Гебрејесус.
„Здравствениот систем на Украина се покажа како исклучително отпорен, но насилството создаде повеќекратна здравствена криза“, рече директорот за итни случаи на СЗО, Мајкл Рајан. Тој додаде дека околу 1.000 здравствени установи, вклучувајќи болници и здравствени клиники, се на 10 километри од линијата на фронтот.