Утрински Весник
Свет

СЗО повикува на подобра заштита на здравствените работници

СЗО повикува на подобра заштита на здравствените работници

Здравствените работници, кои се во првите редови во борбата против пандемијата на Ковид-19, плаќаат висока цена со своето здравје, предупреди Светската здравствена организација (СЗО), презентирајќи план што треба да помогне за нивна подобра заштита.

„Ковид-19 ги ​​изложи здравствените работници и нивните семејства на невиден ризик“, потсетува СЗО, истакнувајќи дека статистичките податоци, дури и да се нецелосни, јасно покажуваат дека стапките на инфекции кај здравствените работници се далеку повисоки отколку кај останатата популација.

Здравствените работници сочинуваат околу три проценти од населението во повеќето земји и помалку од два проценти во најсиромашните. Податоците на СЗО покажуваат дека 14 проценти од случаите со Ковид-19 се однесуваат токму на здравствните работници. „Во некои земји, тој удел достигнува 35 проценти“, се вели во соопштението.

Ризиците не се само физички, без разлика дали станува збор за коронавирус или насилството на кое се изложени.

Стресот од постојан страв од заболување, долгото работно време, разделбата со најблиските за да се заштитат од инфекција, а понекогаш и отфрлањето и непријателството од општеството оставаат сериозни последици по нивното здравје.

Според неодамнешното истражување, цитирано од СЗО, една четвртина од анкетираните здравствени работници изјавиле дека страдаат од напади на депресија и анксиозност, а третина од несоница.

Планот од пет точки на СЗО советува да се воспостави синергија помеѓу стратегиите за безбедност на пациентите и оние за безбедноста на здравствените работници и да се развијат национални програми за подобра заштита на здравствените работници.

СЗО исто така инсистира на заштита на здравствените работници од насилство на работното место и подобрување на нивното психолошко здравје.

Планот ја нагласува потребата да се заштитат здравствените работници од физички и биолошки опасности преку обезбедување на доволна заштитна опрема и обука за да знаат како да ја користат.

„Ниту една земја, болница или клиника нема да можат да ја осигураат безбедноста на своите пациенти сèе додека здравствените работници не бидат безбедни“, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Два брода со мигранти се превртеа кај Мадагаскар, 25 лица загинаа

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење