Утрински Весник
Свет

СЗО: Нема причина да се прекине вакцинацијата со „Астразенека“

СЗО: Нема причина да се прекине вакцинацијата со „Астразенека“

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека нема причина да се стопира вакцинацијата со вакцината на „Астразенека“, откако поради претпазливост нејзината примена беше стопирана во неколку европски земји.

„Да, треба да продолжиме да ја користиме вакцината на Астразенека, нема причина да ја суспендираме“, рече портпаролката на СЗО, Маргарет Харис на прес-конференција во Женева.

Данска, Исланд и Норвешка во четвртокот објавија дека ги откажуваат вакцинациите со „Астразенека“, повикувајќи се на принципот на претпазливост. Бугарија денеска ја прифати ваквата одлука.

Данската здравствена агенција, прва донесе ваква одлука и повика на претпазливост поради тешките случаи на згрутчување на крвта кај луѓето кои примиле вакцина, иако досега не е докажана поврзаност помеѓу вакцината и ваквата состојба.

Австрија на почетокот на неделава престана да користи пратка од оваа вакцина по смртта на 49-годишна медицинска сестра која, според извештаите, претрпела тешко нарушување на коагулација на крвта, неколку дена по вакцинирањето.

Англиско-шведската лабораторија и британската влада реагираа во четвртокот, велејќи дека вакцината е безбедна и ефикасна.

Портпаролката на СЗО истакна дека експертите на организацијата проучуваат информации во врска со згрутчувањето на крвта, но дека досега не е потврдена никаква врска со вакцината.

„Секоја информација за несигурноста на вакцините мора внимателно да се испита“, рече таа.

„Кај вакцините кои се применуваат, секогаш треба да ги испитаме сите предупредувања за безбедност и да ги провериме, но досега нема индикации дека не треба да се користат“, додаде Харис.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

На Германија ќе и требаат дополнителни 288.000 странски работници секоја година до 2040

Австралија го забранува пристапот до социјалните мрежи за помлади од 16 години

Путин до Меркел: Ангела, извини, не знаев дека се плашиш од кучиња