Утрински Весник
Свет

СЗО: Варијантите на коронавирусот добија нови имиња – алфа, бета, делта

СЗО: Варијантите на коронавирусот добија нови имиња – алфа, бета, делта

СЗО одлучи варијантите на коронавирусот да ги именува со буквите од грчката азбука во обид да се поедностави изговорот и да се избегне стигматизација на земјите што го пријавуваат новиот вид.

Така, четири варијанти на коронавирусот, кои агенцијата на ООН ги смета за загрижувачки и кои во јавноста се познати како британски, јужноафрикански, бразилски и индиски, сега ги добија буквите алфа, бета, гама, делта според редоследот на откривање, пренесува „Ројтерс“.

Другите варијанти продолжуваат понатаму по азбучен ред.

СЗО ги откри новите имиња во понеделникот по критиките дека имињата како B.1.351, 501I.V2 и 20H / 501I.V2, биле премногу сложени.

Изборот на грчката азбука следеше по неколкумесечни размислувања во кои експертите разгледуваа други можности, како што се грчки богови и измислени псевдокласични имиња, според бактериологот Марк Пален, кој беше вклучен во разговорите.

Историски гледано, вирусите честопати биле поврзани со места за кои се претпоставува дека потекнувале, како што е еболата, именувана по истоимената река во Конго.

Но, тоа може да биде штетно за местата и честопати неточно, како што беше случај со таканаречената пандемија на „шпански грип“ од 1918 година, чие потекло е непознато, наведува агенцијата.

„Ниту една земја не смее да се стигматизира поради откривање и пријавување варијанти “, рече епидемиологот на СЗО, Марија ван Керхове.

Можете да прочитате

Најголемиот електричен авион ќе полета следната година

Израелската армија објави дека цел на напад бил јужен Либан

Ужас во Австралија: Воспитувач силувал 60 девојчиња, бакнувал и бебиња – Осуден е на доживотен затвор