По вчерашната инаугурација на Џо Бајден за американски претседател, на социјалните мрежи со молскавична брзина се прошири лажна слика, а еве за што поконкретно станува збор.
Имено, традиција е претседателот во заминување да му остави на новиот претседател лично писмо на работната маса во Белата куќа. Иако Доналд Трамп прекрши многу традиции, сепак оваа ја испочитувал и тој оставил лично писмо за Бајден, што вчера го потврди и новоименуваниот претседател.
Набргу откако Бајден го потврди ова, слика со лажна содржина на писмото се прошири на социјалните мрежи. На таа слика е прикажан текст од само една реченица: „Џо, знаеш дека победив“.
Но, вистинската содржина на писмото што Трамп му го оставил на Бајден не е објавена.
Иако е сосема јасно дека содржината што се појави на социјалните мрежи е монтажа, некои ја сфатија сериозно, па иранското државно радио го објави лажното писмо како вистински факт. Според Би-би-си, монтажата масовно се шири меѓу руските корисници на социјалните мрежи.
Бајден потврди дека Трамп му оставил лично писмо.
„Тој ми напиша многу великодушно писмо. Но, писмото е приватно и нема да зборувам за тоа додека не разговарам со Трамп, иако тоа беше навистина великодушно”, рече вчера Бајден.