Утрински Весник
Македонија

Се формира ренџерска служба во заштитеното подрачје на Осоговските Планини

Се формира ренџерска служба во заштитеното подрачје на Осоговските Планини

Законските обврски и задачи што произлегуваат од одлуката за определување на заштитено подрачје на Осоговските Планини, денеска на Пониква ги собра на заеднички состанок сопствениците на хотели и викендици со претставниците на ЈП Национални шуми и Општина Кочани. Пред сите е прилагодување кон законската регулатива за зачувување на природните реткости и шумата. Фактот дека е подигнат степенот на заштита, донесе и нови обврски за Национални шуми, двете општини Кочани и Пробиштип, чија територија опфаќа делови од ова подрачје, но и приватните сопственици на имоти. Управувањето со ресурсите е заедничка задача.

– Се работи на план за управување, во кој доминантно место ќе има туризмот. Во моментот работиме на обележување на подрачјето, со унифицирани патокази и знаци. Ние даваме предлози, формираме ренџерска служба и сакаме да ги детектираме сите излегувања надвор од законските рамки, да бидат забележувани. Има многу работи што треба да се поправат. Јавното претпријатие треба да го смени имиџот и да се грижи за природата – кажа на средбата директорката на ЈП Национални шуми, Маре Басова.

Заштитеното подрачје е V категорија, што значи дека останува простор за економска активност. Но, тоа подразбира развој според правилата за заштита.

– Развојот на Пониква е во фокусот на Општината Кочани. Ги реконструиравме патот и ски-лифтовите, градиме планинарски дом, велосипедски патеки. Имаме проект за водоснабдување и за канализација. Има уште многу прашања, многу работа, ама резултат ќе има само ако придобивките ги гледаме и како општ развој – рече Николчо Илијев, градоначалник на Кочани.

Очекувањата се дека засилувањето на брендот на Осоговските Планини како заштитено подрачје, ќе значи и поголем пристап до европските фондови. Сепак, согласно Законот за заштита на природата, развојот на туризмот на Пониква ќе ги следи законските одредби за грижа за природата. Тоа беше и денешната порака до бизнис секторот, со кој се очекува одржување на редовна комуникација. Со цел да се усогласат сите натамошни активности, сопствениците на угостителски објекти на Пониква делегираа свој претставник во телата на заштитеното подрачје.

Пониква останува единствениот поголем зимски туристички центар во заштитеното подрачје, кое оваа зима е место за спорт и рекреација на граѓаните од Североисточниот регион и пошироко.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Дали од 29 Ноември Балканот ќе го зафати нов студен и снежен бран?!

Филипче: СДСМ не е лична сопственост ниту на Бранко, ниту на Заев, а најмалку моја

Филипче: Ароганцијата ќе ја закопаме длабоко под земја