Прво издание на книгата Хари Потер и Каменот на волшебникот, со некои печатни грешки и потпис на авторката Џ.К. Роулинг, аукциската куќа „Кристи“ ќе ја понуди на приватна продажба во Лондон, а почетната цена на делото е 200 илјади фунти.
Изданието понудено на продажба е едно од 500-те копии со тврда корица на книгата испечатени во прво издание во 1997 година.
Во 1997 година, Роулинг сè уште беше непозната и нестабилна писателка, а во меѓувреме нејзината книга за магичниот свет на вештерките и волшебниците стана голем хит во светот, создавајќи неколку продолженија, како и огромна филмска франшиза.
„ На многу начини, оваа книга е физичка манифестација на магично сеќавање за многу читатели и тоа ја прави толку посакувана“, рече Марк Вилтшир, експерт за печатени книги и кокуратор на манифестацијата „Уметност на литературата“, која ќе биде отворена за јавноста од 7 до 15 јуни.
За разлика од јавната аукција, „Кристи“ повремено како дел од приватната продажба им овозможува на заинтересираните да продаваат или купуваат луксузни предмети во многу потивка, приватна атмосфера, која потсетува на затворен социјален настан или една посета на скап бутик. Распоредот на аукциите е однапред познат и фиксиран, додека приватните продажби се одржуваат во текот на целата година и се пофлексибилни.