Здравствениот систем се подготвува за евентуална појава на мајмунски сипаници и кај нас, извести денес Комисијата за заразни болести.
Доктор Злате Мехемдовиќ, портпарол на Комисијата, соопшти дека Институтот за јавно здравје преговара за набавка на посебни ПЦР тестови за дијагностицирање.
„За мајмунски сипаници Комисијата покажа загриженост, има ширење надвор од оние ендемични басени како што е централана и западна Африка. Целта на Комисијата е да го подготвиме системот колку е можно подобро за да одговориме на евентуална епидемија и во нашата земја. Затоа денес на Комисијата беа дискутирани клиничките патеки за следење, скрининг, дијагностика и третман на пациентите кои ќе бидат евентуално заболени од мајмунски сипаници и што би требало понатаму да се преземе за тие патеки да бидат точно дефинирани и да можеме да имаме поподготвен здравствен систем“, рече Мехмедовиќ.
Патеките се уште не се прецизно дефинирани, Мехмедовиќ најави дека ќе ги соопштат во моментот кога ќе бидат целосно утврдени. Мајминските сипаници се потврдуваат со посебен ПЦР, за чија набавка Институтот за јавно здравје почнал преговори.
„Вирусот иако во светот постои половина век, ретко се наоѓаше на овие простори и оскудни се податоци за дијагностички процедури, сите земји имаат проблем да обезбедат дијагноза и третман. Институтот за јавно здравје е во преговори за набавка на китови за дијагностицирање преку ПЦР тестирање, но посебни ПЦР тестови. Со СЗО се разговара и за набавка на терапиите кои може да бидат земни предвид, тоа се вакцините и „тековиримат“, оној лек кој што е специфичен за мајмунските сипаници“, вели Мехмедовиќ.
Од денес на сајтот на Институтот за јавно здравје е достапен информативен памфлет за начинот на кој се пренесува болеста и за тоа какви симптоми се појавуваат.
„Се работи за болест за која е претежно карактеристична промена на кожата, во форма на егзем, Прво може да бидат во форма на макули, мали испакнатини, потоа меурчиња кои може да станат гнојаници, на крај стануваат крусти. Пропратно се јавуваат симптоми како покачена температура над 38,5, болки во мускулите, болки во грбот и генерална малаксаност на телото. Симптомите не се разликуваат од останатите вирусни инфекции или вируси кои се поврзани со сипаници“, објасни Мехмедовиќ.
На денешниот состанок Комисијата дала и препорака место ПЦР тест за операции да се користат брзите тестови, кои им се достапни на сите здравствени установи, а истовремено ги задолжила комисиите интерхоспитални инфекции да изготват протоколи согласно препораките на Комисијата за употреба на брзите тестови.
„Информациите кои ги добив од Министерството за здравство се дека околу 1000 антигенски тестови практично и се достапни на секоја здравствена институција која може да ги користи во кое било време. Залихи има. Граѓаните не треба да ги купуваат тестови, може да ги добијат во самата здравствена установа во која се упатуваат на дијагностика и на дополнителни процедури“, рече Мехмедовиќ.
Од пациентите кои треба да бидат сместени во болница за дијагностика или операција сега се бара да приложат негативен ПЦР тест направен еден ден пред сместувањето во болница.