Куманово, 9 јуни 2020 (МИА) – Почнаа подготвителни активности за санација на „Искрин Мост“ над реката Пчиња, во близина на село Доброшане кумановско, на патот Куманово-Свети Николе, информираа денеска надлежните од Јавното претпријатие за државни патишта. Ова е еден од најдолгите мостови во државата. Фирмата изведувач, соопштија од претпријатието, работи на подготвителните активности, поставување на опрема на градилиштето, обезбедување пристапни патишта до столбовите на мостот.
– „Искрин мост“ е воведен во работа од пред месец дена, се работи под мостот, се прават пристапни патишта, се носат механизации за бушење и сè што е потребно, изведувач има, се работи, сериозен зафат е, сериозно бил запоставен многу години, но и тоа се работи, изјави при неодамнешната посета на кумановско, директорот на ЈПДП, Зоран Китанов.
Мостот се наоѓа во исклучително лоша состојба, за што реагираа и граѓаните.
– Финансиските средства се обезбедени од буџет на Јавното претпријатие за државни патишта. Предвидени се 117.462.949,00 денари со ДДВ. Фирма изведувач задолжена за реконструкција на мостот е ДГП „СИНТЕК ИНЖЕНЕРИНГ“ ДООЕЛ-Скопје, соопштија од претпријатието.
Мостот е долг 355 метри и е специфичен, бидејќи горниот строј е спрегната конструкција (челични главни носачи и армирано – бетонска плоча) и со овој проект е предвидена негова целосна реконструкција, информираат од претпријатието.