Утрински Весник
Македонија

Се повлекува од продажба замрзаниот зеленчук од Србија, откако беше пронајден глушец

Поради сомнеж за физичка контаминација, присуство на страно тело – глушец, во замрзнат зеленчуков микс на “Сани фантази- Царски микс” по потекло од Република Србија, увезен од „КАМ ДООЕЛ“, Агенцијата за храна и ветеринарство издаде забрана за промет на овој производ и нареди негово повлекување од рафтовите на „КАМ“ маркетите на цела територија на државава.

Издадена е наредба на операторот со храна да изврши сопствена проверки на секоја серија од овој производ, во сите маркети каде е пласиран производот, на територијата на цела држава, се вели во соопштението од Агенцијата.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Никола Бабовски потенцира дека „АХВ“ ќе изврши вонредни инспекциски надзори и ќе провери дали пласираните количини од овој производ се повлечени од малопродажната мрежа. Извршени ќе бидат и органолептички прегледи на одредени примероци, од секоја серија на овој производ. Примероци за контрола на микробиолошките критериуми за безбедност на производот ќе бидат испратени на лабораториско испитување.

Агенцијата за храна и ветеринарство ги известува потрошувачите доколку купиле ваков производ, пред консумација внимателно да го отворат и прегледаат и доколку утврдат присуство на страни тела, истиот производ да го вратат на местото на купување и за тоа да ја известат Агенцијата.

За случајот кој беше објавен викендов на социјалните мрежи, до Агенцијата не е поднесена претставка.

Како одговорна институција за безбедноста на храната, апелираме ваквите случаи место на социјалните мрежи, да се пријавуваат кај надлежните институции. Ги потсетуваме граѓаните дека секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната можат да ја пријават до Агенцијата за храна и ветеринарство, лично, писмено, електронски на [email protected] и на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22, стои во писменото соопштение од Агенцијата.

Можете да прочитате

Николоски: Ќе се гради алтернативен пат на трасата Тетово – Гостивар за да не се отсечат жителите од Полог

Гаши: Газењето на државни знамиња е напад врз сите етнички заедници

Адвокатот Митровски: За палењето на македонското знаме може да се одговара и до пет години затвор