Пандемијата на корона вирусот, која направи значителна блокада на општествено-социјалниот живот на граѓаните, го закочи и онака забавениот процес на склучување бракови во земјава. Во изминатите месеци на живеење со Ковид-19, со забраната за масовни собири, веселби и дружења, дојде до масовно откажување на претходно закажаните свадби и венчавки за наесен, па и за подолго, а мал број од тие кои се одржаа, беа со минимален број на присутни и носење на заштитни маски.
И без пандемијата, бројот на склучени бракови во земјава има тренд на опаѓање. Последните бројки се загрижувачки. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од годинава се склучиле за 17,1 отсто помалку бракови во споредба со истиот период од 2019 година или вкупно 2.229 брака, а се добиени 297 извештаи за разводи. Од склучените бракови, најмногу, или 456 се во Скопје, исто така и на разводите, од кои 63 се во главниот град.
Која е главната причина поради што младите сè потешко одлучуваат да запловат во брачни води? Според социологот Ѓорѓи Тоновски, институцијата брак минува низ некаков тивок трансфер на промени, самата по себе, со неизвесност кон што водат тие и со каква тежина се.
– Сега е момент на преиспитување на институцијата брак, на некои модерни цивилизациски трендови, па има сè почесто заедничко живеење без брак, раѓање на деца надвор од брачна заедница или без партнер, со вештачко оплодување. Младите најмногу не склучуваат брак, затоа што не ја гледаат иднината овде, туку надвор од земјава, пред сè од економски причини. Корона кризата сигурно уште повеќе ќе го забави процесот на склучување на бракови, но пак, може да придонесе за раст на наталитетот до крајот на годинава, поради вонредните мерки и останувањето дома – изјави Тоновски за „Мета.мк“.
Пандемијата со корона вирусот може да го намали процентот на склучени бракови и до 50 отсто. Ова го мисли социологот Илија Ацески, според кој тенденцијата на намалување на бројот на бракови е одраз на сите промени што се случуваат во општеството, пред сè безработицата и немањето средства за самостоен живот.
– Младите живеат во една виртуелна реалност, со многу информации, што им наметнува нагласено чувство дека не треба да менуваат ништо во веќе стекнатиот начин на живеење. Бракот за нив е психолошки момент, страв од непознато, од обврски, младите се неодлучни за сè, а особено за живеење во брачна заедница. Од економски аспект, многумина се убедени дека добриот живот е некаде надвор од државава и така се одложува моментот за брак. Состојбата со Ковид-19, е како додаток, како оправдување на таквото размислување и став кон бракот – вели Ацески.
Според податоците на ДЗС, бројот на склучените бракови во 2019 година, во споредба со претходната година, е поголем за 2,4 отсто и изнесува 13.814 склучени бракови. Од нив, најмногу или 1.747 се склучиле во месец август.
Минатата година имаше осцилации на овие бројки, па така во четвртото тримесечје од 2019 биле склучени 3.381 брак или за 5,2 отсто повеќе од истиот период во 2018 година, но во претходното тримесечје, јули, август и септември, имало пад на венчавките за 0,2 отсто и биле склучени 4.302 брака. Во второто тримесечје падот изнесувал 4,8 отсто, во однос на истиот период 2018, и тогаш имало 3.247 склучени бракови, додека во првото тримесечје е евидентиран раст од 6,2 отсто во однос на првите три месеци од претходната 2018 година и биле склучени 2.688 брака.