Повеќе од 100 работници веќе 13 дена се заробени во Чернобил, односно во нуклеарната централа, која е местото на најголемата нуклеарна катастрофа во светот. Првиот ден беше окупирана од руските сили и оттогаш работниците не можат да си заминат.
Заедно со нив има и 200 украински чувари кои се грижеле за безбедноста во моментот на рускиот напад. Тие исто така не можат да одат никаде, пишува Би-Би-Си.
Работниците продолжуваат со работа и атмосферата во моментов е мирна, но Би-Би-Си пишува дека условите се ужасно тешки, а количината на храна и лекови е ограничена. Исто така, постојат стравувања дека зголеменото ниво на стрес може да влијае на тоа колку добро и безбедно работниците можат да ја вршат својата работа во нуклеарната централа.
Руските војници влегоа во забранетата зона и ја опколија нуклеарната централа, а украинската страна потврди дека целосно ја презеле контролата.
Роднина на еден од вработените изјави за Би-Би-Си дека Русите дозволуваат смените да се менуваат, но им кажуваат на работниците дека не можат да им гарантираат безбеден пат до дома, ниту начин на работа за оние кои дошле да ги заменат.
Иако Чернобил повеќе не е функционална работна единица, оваа нуклеарна централа никогаш не била целосно напуштена и бара постојан мониторинг. По нуклеарната катастрофа што се случи пред 36 години, други реактори продолжија да работат уште неколку години, а цел град беше изграден за да се сместат работниците, кои беа евакуирани по експлозијата.
Таму се уште се вработени околу 2.400 луѓе, научници, техничари, готвачи, лекари и друг персонал, а тука е и Националната гарда. Во нормални услови, работниците патуваат со воз од и до работа, но сè се промени на првиот ден од руската инвазија кога беа принудени да живеат во нуклеарна централа.
„Ситуацијата е комплицирана и многу напната“, изјави за Би-Би-Си Јури Фомичев, градоначалник на Славутиќ. „Тешко им е психички, физички и морално“, додаде тој.
Работниците имаат малку храна, но бидејќи не знаат уште колку ќе бидат таму, се ограничија на само еден оброк дневно, подготвен од готвачи кои исто така се заробени. Најмногу јадат леб и каша.
Во неделата, рускиот персонал понуди да достави храна, но украинските работници одбија и рекоа дека тоа е руска пропаганда. Дополнително, просториите на нуклеарната централа не се уредени за спиење. Некои спијат на кревети на склопување, некои на маси, а некои на под.
За да се одморат малку, заробените работници се делеле меѓу себе во смени. Едната група работи додека другата одмара. За нивните семејства во моментов е доста тешко.
На дел од работниците им требаат лекови, кои во нуклеарната централа ги има малку, а тоа дополнително ги загрижува нивните семејства“, вели Фомичев. „Мораме да им повториме дека во моментов не постои безбеден начин да се извлечат работниците од Чернобил“, додаде тој.
Со оглед на тоа што работниците ги чувствуваат физичките и психолошките последици од речиси две недели заробеништво во стара нуклеарна централа, постојат стравувања дека таквиот стрес може да влијае на тоа како ги извршуваат нивните должности.
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси, повтори дека работниците мора да имаат пауза за ефикасно да ја вршат својата работа. Тој за Би-Би-Си изјавил дека контактирал со руската страна само за да го соопшти тоа.
Сепак, експертите за нуклеарна енергија велат дека опасноста за јавноста е многу мала бидејќи се работи за електрана која не е во функција.
Сепак, нивото на радијација се зголеми во регионот откако Русите ја окупираа нуклеарната централа. Ова, пак, се припишува на тешката воена опрема која подигна радиоактивна прашина од земјата. Професорот Смит вели дека ова зголемување на радијацијата не било доволно големо за да биде загрижувачко.