Кавадарци, 25 мај 2020 (МИА) – Се затуркавме со Словенката која да застане до Тито, вака во изјава за МИА денеска се потсети кавадарчанката Фруска Костадиновска, која на денешен ден во 1967 година, била дел од младинската делегација присутна на роденденот на претседателот на СФРЈ во Белград.
-Оваа фотографија на која јас сум веднаш до Тито од негова лева страна, ми е посебно драг спомен. Откако се затуркавме кој да застане до претседателот на државата во Белиот двор, најдовме компромисно решение и таа отиде скалило подолу, а јас зад неа. Така двете бевме до Тито. Бев трета година гимназијалка и избрана да одам на свеченоста, од страна на Младинскиот комитет на Кавадарци. Десетмина бевме од нашата република, евоцираше спомени таа.
На роденденот присуствувале делегации од пионери, младинци, работници, борци ветерани.
-Тито и неговата сопруга Јованка поминаа крај сите делегации. Задржувајќи се во краток разговор, не праша, како сте Македонци, се интересираше за активностите кои ги имаме. Најмногу ми остави впечаток неговиот изглед. Беше многу ведар, многу харизматичен. Подоцна бевме на традиционалното предавање на штафетата на младоста, раскажа таа.
Се присети исто така дека соучениците со професорите ја земале од Белград и заедно заминале на екскурзија во неколку европски земји.
Татко и веднаш ја однел на врамување, фотографијата што им стигнала по пошта.
Костадиновска е пензионер, целиот работен век го помина како новинар во Радио Кавадарци, каде 9 години беше и директор. Се јавуваше и како дописник на МРТВ и МИА, при основањето на Агенцијата. Беше вклучена во општествено политичкиот живот на градот. Претседател на жени и Социјалистички Сојуз, потпретседател на општина, претседател на Здружени радио станици, основач на Центарот за радио, печат и издавачка дејност „Мито Хаџивасилев-Јасмин”.
До неодамна таа беше секретар на Здружение на пензионери од Кавадарци. Многумина ја паметат како извонреден толкувач на улогата на Алексис во „Кавадаречка династија”, која се емитуваше на кавадаречкото радио, но стекна популарност и пошироко.
-Важев за строг директор, можеби и затоа ја добив улогата на змијата Акексис, коментира таа за МИА. свд/аа/