Третото најсвето исламско место во светот, ерусалимската џамија Ал-Акса во Израел, од петок ќе биде затворена поради зголемување на бројот на заразени со коронавирус.
Според информациите, џамијата се затвора за првпат после 1967 година.
„Франсе24“ наведува дека властите на Вакуф – донации основани по прописите на шеријатскиот закон, одржале состанок со здравствените претставници со оглед на тоа дека бројот на случаи на коронавирус расте и во Израел и на палестинските територии.
„ Членовите на Вакуф одлучија да забранат влегување на верниците во џамијата, почнувајќи од петок, 18 септември, за период од три недели. Се надеваме дека граѓаните ќе ја разберат оваа постапка, во смисла на зачувување на здравјето и општото добро”, рече членот на Вакуф, Хатем Абдел Кадер.
Кадер рече дека повиците за молитва за верниците ќе продолжат да се шират низ Стариот град на Ерусалим, додека на вработените во Вакуф ќе им биде дозволено да се молат на локалитетот на џамијата.