Неготино, 15 мај 2020 (МИА) – Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство тука во неготинско Дисан инвестира во систем за водоснабдување, а во овие две и пол години навистина инвестира во осовремување на сите процеси, се со цел како држава да имаме можност сите ланци на производство на храна да функционираат профитабилно, но и да имаат поголем принос во економијата, порача вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска при денешниот увид на работите за доизградба на хидросистемот „Дисанско поле” заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.
-Сметаме дека во иднина треба уште позасилено да вложуваме во овој сектор. Здравствената и социоекономска, домашна и светска криза ни покажа дека инвестирањето во домашното производство на храна и преработка се значајни за секоја земја, посебно кога има можност за да се намалуваат одредени глобални текови и движења. Токму затоа, како Влада посветено работевме во минатиот период, но и во иднина уште позасилено ќе работиме со вложување во земјоделството и производството на храна. Со осовременување или воведување на еден ваков современ систем на водоснабдување на земјоделските површини, во иднина тие ќе може да станат уште подоходовни и да имаме уште поголем принос во економијата од страна на земјоделството, нагласи Царовска.
По надминувањето на здравствената криза и враќањето во нормала, како што посочи министерот Димковски, модернизацијата на земјоделството и производството на храна ќе бидат врвни приоритети. Производството на храна, нагласи тој, мора да продолжи непречено, земјоделците мора да ги продолжат своите работни активности.
-Владата ќе ги овозможи сите потребни услови за одржливо земјоделско производство и ќе одговори на барањата на земјоделците. Токму инвестициите во водостопанската инфраструктура, се еден од клучните услови за модерно и конкурентно земјоделско производство, посочи Димковски.
Во неготинско Дисан, истакна, започна доозградбата на хидросистемот „Дисанско Поле“, што ќе биде во склоп на хидромелиоративниот систем „Тиквеш“.
-Во моментов, се врши довршување на каналот во должина од 2,5 километри, со што ќе се обезбеди целосна функционалност на системот, кој остана недовршен во 2006 година. Сегашниот доводен канал е со капацитет од 330 литри во секунда и досега се наводнуваат околу 200 хектари земјоделска површина. Со доизградбата ќе се овозможи навремена достапност на вода за наводнување на нови 383 хектари. Вредноста на инвестицијата е над 17 милиони денари, пари обезбедени од буџетот на МЗШВ и 3,8 милиони денари средства од АД Водостопанство, или вкупно 20,8 милиони денари, прецизираше Димковски.
Според договорот, како што рече, изградбата се очекува да заврши за околу еден месец.
Министерот соопшти дека ставањето во функција на хидросистемот „Дисанско Поле“, е од витално значење за земјоделците од овој лозарски регион, бидејќи наводнувањето е клучно за лозовите насади, за добивање на квалитетено грозје, за производство на нашето вино.
Конкурентноста на земјоделскиот сектор и оптималното користење на природните ресурси, додаде тој, е основната цел на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а наводнувањето во тој процес има голема улога.
Димковски беше дециден дека само со квалитетно наводнување „ќе постигнеме поголема конкурентноста на земјоделскиот сектор, одржување на приходите од земјоделството и ублажување на негативните ефекти од климатските промени”.
-Во овие тешки времиња во кои се наоѓа нашата земја и светот поради глобалната пандемија предизвикана од вирусот Ковид-19, земјоделството и трудот на земјоделците ќе бидат исклучително важни во покренувањето на економијата. А, оваа Влада, со преземањето на сите мерки за справување со последиците од пандемијата, покажа што значи вистинска грижа за секој сектор, за секој граѓанин, земјоделец, за бизнис секторот, нагласи Димковски. свд/вј/