Утрински Весник
Македонија

Се гради монтажна амбуланта за пациентите со белодробни заболувања

Се гради монтажна амбуланта за пациентите со белодробни заболувања

Во тек се подготвителни активности за новиот монтажен објект на Клиниката за пулмологија и алергологија, кој ќе биде поставен на просторот меѓу Институтот за патофизиологија и Институтот за ТБЦ.

Веќе е поставена бетонската плоча како подлога за монтажно-модуларниот амбулантско поликлинички оддел. Кон крајот на неделата ќе почне поставувањето на контејнерите, чија монтажа треба да заврши до 30 јули, а се планира кон средина на август, објектот да биде целосно подготвен.

Во новиот објект ќе бидат лоцирани четири амбуланти и кабинети со спирометрија, за дифузија и бодиплетизмографија, за бронхијална провокација, за гасни анализи во крвта, за алерголошки тестирања и за ЕКГ, како и две засебни простории за дневни болници за сместување амбулантските пациенти. Сето ова е придружено со сите потребни помошни простории, тоалети и гардеробери за персонал, засебни тоалети за пациенти, чекални, административни соби, стерилни остави, сервер соба, климатизација и слично. Целиот простор ентериерно и екстериерно е оформен така да не постојат бариери и препреки за лица кои користат помагала и лица со попреченост, за кои се предвидени и специјални тоалети согласно стандардите.

Во меѓувреме се работи на изготвување план за потребното ентериерно уредување и обезбедување медицинска и немедицинска опрема.

Од Клиниката за пулмологија појаснуваат дека пациентите со белодробни заболувања, заради хроничната болест на белодробниот систем се во најризичната група за добивање Ковид-19, како и за развивање тешки компликации од вирусот, затоа е посебно значајно поставувањето на монтажната амбуланта, која ќе ги исполнува најсовремените стандарди за работа.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Полициските хеликоптери исфрлија над 50 тони вода врз пожарите во Малино и Немањица

ВИДЕО: Евакуација на жителите на Немањици

Едно лице загина во пожарот кај кумановско Кокошиње