Хрватскиот преставник во групата Б од регионалната СЕХА лига, Нексе од Нашице попладнево со 36-32 славеше против македонскиот преставник Вардар 1961.
Во меч кој две третини беше комплетно израмнет, домашните ракометари беа посвежи и поконцентрирани во последната четвртина од дуелот, па бодовите одат на контото на екипата која сега е второпласирана на табелата.
На почетокот Нексе имаше перфектен старт, поведе со 5-0. За краток период избраниците на Стевче Алушевски се вратија во игра, па на семафорот стоеше 5-5.
Нексе со серија од три гола дојде до предност од 8-5, но Вардар повторно покажа квалитет и направи пресврт на резултатот, 9-10.
До крајот на полувремето ниту една од екипите немаше предност поголема од еден гол, па на полувреме се отиде со резултат 15-14 за домашниот тим.
И второто полувреме започна исто онака како што заврши првиот дел. Двете екипи се менуваа во водството се до средината на полувремето кога на семафорот стоеше резултат 22-22.
Оттогаш Нексе „додаде гас“, Вардар беше инфериорен, па за краток период домашниот тим ја врати предноста од +5 од стартот на мечот, 28-23.
Вардар не успеа да ги консолидира редовите за втор пораз во четвртиот меч од групната фаза со резултат 36-32.
За Нексе ова беше трет триумф во петтиот натпревар.
Во победничката екипа најефикасни беа Кевиќ и Јагањац со по 8 гола, а голманот Морено Цар собра 16 одбрани.
Кај Вардар најпрецизен беше Дибиров со 9 гола, додека Гаџа мечот го заврши со 6 гола.
Неприкосновен на чело на табелата во групата Б од СЕХА лигата е тимот на Мотор Запорожје со 3 победи по исто толку натпревари, а на дното на групата е Војводина со 4 порази на исто толку меча.
Во последното коло од групната фаза Вардар гостува кај Војводина,но пред тоа треба да го одиграат одложениот дуел со Мотор Запорожје во Скопје.
> СЕХА: Нексе го „сопна“ Вардар, сега се втори во групата <