Куманово, 17 мај 2020 (МИА) – Коронавирусот не го промени многу начинот на живеење во руралните средини. Старите проблеми останаа, но добро е што, за разлика од градовите, жителите на селата можат да вдишат чист воздух, да не се грижат да одржат социјална дистанца, бидејќи и онака нема многу луѓе, и да уживаат во зеленилото и свежите производи што самите ги одгледуваат, раскажува Жељка Диклиќ Илиевска, жителка од кумановското село Пчиња.
– Редовно следиме на медиумите за состојбата со коронавирусот, ги слушаме препораките, но имам чувство дека не се зборува многу за селата, иако, морам да бидам искрена, недостигаат услови за и во време на коронакризата, не се води доволно грижа за колективна хигиена, поради немање водовод и канализација, вели Диклиќ Илиевска.
Селото Пчиња е сместено во долината на реката и е на само десетина километри од Куманово. И претходно ова село имаше проблеми со пивка вода за пиење и е без водовод како и повеќето села во Кумановско.
– Немањето водовод е наш хендикеп, имаме бунари, но многу од нив имаат вода што не е за пиење, што може негативно да се одрази на здравјето. Многу извори се контаминирани. Оние кои можат да си дозволат, купуваат вода, а голем дел жители пијат вода од своите извори, каков и да е квалитетот, или земаат од добриот сосед. Немаме ниту канализација, а сега во време на корона многу е важна хигиената, вели Диклиќ Илиевска.
Таа се осврна и на „дивата“ депонија „Краста“, која е во непосредна близина на селото. Невообичаено е, додава, сметот од градот да се донесе во близина на село што произведува раноградинарски култури и од кое градот се храни.
Сепак, водата е круцијална, вели жителката на Пчиња. Таа вели дека купува вода за пиење, што е оптоварување на семејниот буџет. Носи вода за готвење од нејзините блиски, што е отежнато и во редовни услови, а и сега за време на полициски час.
– Ги молам пријателите од градот од кај нив да полнам вода, а знаете како е сега, не баш секој ќе те прими, секако од оправдани причини. Го најавувам моето доаѓање за полнење вода, воедно на уште едно семејство му носиме вода. Ете тоа е патот, затоа ако го имате луксузот да отворите чешма и да се напиете вода или да наполните шерпа за да сварите супа или зготвите јадење, бидете среќни, зашто не секој од нас го има тој бенефит, вели Жељка.
Лично има средства за деизнфекција, но не секој може да си дозволи. Во селата помалку се донираат и средства за дезинфекција и маски.
Селата, вели таа, имаат малку поголем број ранливи категории семејства.
– Кај нас не се прави дезинфекција низ село, верувам дека и во другите места е така. Кога ние од Пчиња влегуваме во градот, поминуваме преку дезинфекциски премин. Мојата забелешка е дека треба апаратот да биде во два смера, за да се заштитат и нашите жители и на соседните села, додава Диклиќ Илиевска.
Дел ученици од селото за време на коронавирусот следат онлајн настава, но некои немаат ниту интернет ниту, пак, компјутер или телефон.
Но, од друга страна, вели преубаво е да се видат зелените површини, да се ужива во дворовите со цвеќиња, да се јаде вкусна храна произведена за своја душа. Едните произведуваат, другите работат, но гладни, вели Диклиќ Илиевска, во селото нема.
Коронавирусот ќе помине, додава, а сега е многу важно да се гледаме како целина.
– Вирусот ќе помине, справувајте се колку што можете најдобро, а кога ќе помине, засукајте ги ракавите и искрено пружете му рака на селанинот. Дајте му достоинство, зашто тој е битна карика во системот, а не викенд-дестинација – порачува Жељка.
Пчиња неретко е тема во медиумите, често за депонијата, за немањето водовод и канализација, за квалитетните производи што се пласираат во Куманово. Коронавирусот ги принуди жителите да се вратат во селото. Според жителите во селото има околу 650 жители, во стариот дел има околу 200, во новиот околу 450 и добра релативно млада популација. Вкупно има околу двесте активни домаќинства.
Александра Максимовска