Лидерите на Алијанса за Албанците Зијадин Села и на Алтернатива, Африм Гаши, велат дека се разочарани од постигнатиот коалициски договор меѓу Заев-Ахмети.
Села рече дека ДУИ ги изиграл гласачите, Албанците и според него, ќе ги врати 18 години назад, заробени и без можност за остварување на своите права.
Засега од оваа коалиција велат дека нема да го бојкотираат Собранието, иако според нив оваа Влада е нелегитимна.
„ДУИ победи со измами, уцени и заплашувања. Така и ќе продолжат. Знаеме за сета манипулација што ја правеа на денот на изборите, за што покренавме случаи и до обвинителството, како гласаа луѓе од Швајцарија кои не се тука. За нас овој договор е нелегитимен. ДУИ нема тежина на зборот, со самиот факт што не успеа да го реализира единственото изборно ветување за премиер Албанец. Собираше гласови на манипулација и за жал така и ќе продолжат. Ние тоа нема да го дозволиме, нема да дозволиме да бидат лажени Албанците. Во тој договор, не стана збор за ниту едно право на Албанците, за подобар живот, за одење напред. За Џафери нека дојде Ахмети да го гласа за претседстел, затоа што јас го гласав знаете под какви околности. Бојкот нема да има, за тоа ќе одлучуваат партиските органи и тела“, рече Зијадин Села на прес-конференција пред Собранието.
Неговиот коалиционен партнер Африм Гаши, рече дека оваа влада нема да има долг век и дека ќе се растури за кратко време, но не кажа дали тоа значи дека ќе има нови предвремени избори и политичка криза.
„Оваа Влада нема легитимитет и нема да трае долго, ќе се распадне. Тоа е и најдобротото решение, за сите. Ние ќе се бориме со сите демократски капацитети да ги спречиме манипулациите што се прават со албанските гласачи”, додаде Гаши.