Утрински Весник
Македонија

Сега не е време за диети – со зеленчук, овошје, чаеви, супи, јогурт и пилешко против коронавирусот

Сега не е време за диети – со зеленчук, овошје, чаеви, супи, јогурт и пилешко против коронавирусот

Скопје, 20 март 2020 (МИА) – Имајќи предвид дека сé уште не е достапна вакцина за вирсуот КОВИД-19, правилната исхрана која игра важна улога во превенцијата од заразни болести, посебно е битна сега, во овој случај. Според нутриционистите, во овој момент не е време за диети со висок процент на масти и протеини, а со мала застапеност на јагленихидрати во оброците.

Треба да се јаде овошје барем двапати дневно (најмногу цитруси и црвени бобичасти плодови), да се пијат чаеви и други течности, да се консумираат супи (пилешка или зеленчукова). Притоа, не смее да се заборави и порција салата (за ручек и вечера), особено зелен лиснат зеленчук.

Како што вели за МИА д-р Драгица Зенделовска, виш научен соработник, од животински протеини може да се користат пилешко и мисиркино месо, риба, обезмастени млечни производи, посебно јогурт со пробиотски култури, додека од растителните – грав, грашок, леќа во комбинација со ориз или парче интегрален леб со семки со цел да се внесат полни протеини.

Зенделовска апелира да се избегнуваат конзервираните производи, комерцијалните индустриски производи особено виршли, паштети, салами, намалете ја употребата на маргарин и рафинирани масла, грицки, торти,…

Препорачува и лицата кои се на пост или веганската популација да бидат внимателни поради несоодветниот внес на протеини.

-Преку внимателен избор на намирници можеме да влијаеме во насока на подобрување на имунитетот чија функција е одлучувачки фактор и во случај да се заразиме – болеста да тече со подобра клиничка слика. Зголемениот внес на масти негативно влијае на имунолошкиот систем во споредба со диети кои се со висока содржина на јаглехидрати. Нормално, треба да се обезбеди доволен внес на полинезаситени масни киселини како што се Омега-3. Од друга страна, пак, внимателни треба да бидат лицата кои се на пост или веганската популација, поради несоодветниот внес на протеини што може да влијае на Т-клеточниот систем резултирајќи со зголемена инциденца на опортунистички инфекции и најчесто недоволен внес на витамин Б12 и фолна киселина кои се неопходни за синтеза на нуклеински киселини и нормална продукција на црвени и бели крвни зрнца, како и цинк кој е есенцијален за развој на имунолошкиот систем и на повеќе од 100 металоензими. Јаглехидратите, особено гликозата, е важно гориво за клетките на имунолошкиот систем вклучувајќи ги лимфоцитите, неутрофилите и макрофагите, ја намалуваат концентрацијата на стрес хормоните како што е кортизолот кој има имуносупресивен ефект вклучувајќи супресија на продукција на антитела, лимфоцитна пролиферација, објаснува д-р Зенделовска.

Нагласува и дека сокот од овошје, чаевите и другите течности во текот на денот ќе ни помогнат да го одржиме нормалниот проток на плунка, бидејќи таа содржи неколку протеини кои имаат антимикробни својства (имуноглобулин А, лизозим, бета-амилаза).

-Многу е важно да останете добро хидрирани во текот на денот. Од чаеви користете цвет од липа, лист од бреза, бел слез, семе од анасон, а особено важен е чајот од сладок корен кој долго години се користи за превенција и третман на респираторни вирални инфекции поради содржината на неураминидаза инхибитори. Да не ги заборавиме супите (пилешка или зеленчукова) во кои можете да додадете ѓумбир, куркума, бибер. Време е да бидеме малку креативни во нашите кујни и да пробаме да направиме француска супа од кромид или чешка супа од лук. Во дневното мени особено за ручек и вечера потребна е поголема порција салата особено зелен лиснат зеленчук, не само поради витамините, минералите и растителните влакна, туку и за да ја намалиме енергетската густина на оброците за да превенираме зголемување на телесната тежина поради намалената физичка активност. Овошјето и зеленчукот треба добро да се измијат и покрај тоа што досега не е утврдена трансмисија на вирусот преку храна, но истата може да биде контаминирана, потенцира Зенделовска.

Од додатоци во исхрана би било добро, вели, да се користи мултивитаминска и мултиминерална формула, витамин Ц, витамин Д, пробиотик и пребиотик, а лицата со компромитиран имунолшки систем може да користат бета глукан за кој се уште недостасуваат хумани студии за имуномодулација и колострум кој содржи антитела, фактори на раст, ензими, ганглиозиди.

-Според мене, најдобра заштита е да се остане дома, одржувајте ја социјалната дистанца и хигиената, хранете се добро. Само со позитивна мисла, нема простор за паника и да бидеме општествено одговорни за да им помогнеме на луѓето во бели мантили кои безрезервно се даваат во овој момент. И секако, за време на пандемијата треба да се следат препораките на СЗО со цел да се спречи натамошното ширење на вирусот, подвлекува д-р Зенделовска.

Мирјана Чакарова

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег