Утрински Весник
Свет

Северна Кореја тврди дека нема заразени, а направи вакцина против коронавирус и сака да ја тестира на луѓе

Северна Кореја тврди дека нема заразени, а направи вакцина против коронавирус и сака да ја тестира на луѓе

Северна Кореја соопшти дека се приклучува на трката за развој на вакцина против „Ковид-19“, глобално натпреварување што ги собра најголемите медицински експерти во светот и ќе чини милијарди долари.

Според севернокорејската Државна комисија за наука и технологија, клиничките испитувања на вакцината се веќе во тек и се води дебата за тоа како да се продолжи со третата фаза, која вклучува тестирање врз луѓето, пренесува „Си-ен-ен“.

Прашањето е зошто Северна Кореја, која има еден од најлошите здравствени системи на планетата и со децении се потпираше на Светската здравствена организација за снабдување на вакцини и имунизациja, троши време, пари и ресурси за развој на вакцина против коронавирус.

Исто така, Пјонгјанг не призна постоење на ниеден случај на инфекција со коронавирус во земјата.

„Си-ен-ен“ проценува дека одговорот не е едноставен, но дека тоа е веројатно комбинација на страв од вирусот и обид да се убедат граѓаните на Северна Кореја дека лидерот Ким Џонг-ун повторно ќе се соочи со предизвикот и ќе го заштити својот народ.

Северна Кореја е една од првите земји што го сметаат „Ковид-19“ како сериозна закана и постои добра причина за тоа – повеќето експерти веруваат дека нејзиниот здравствен систем не би издржал удар на пандемија.

Многу медицински институции во Северна Кореја немаат сигурно снабдување со електрична енергија или проточна вода, наведува „Си-ен-ен“.

Медицинската опрема честопати недостасува, а тестовите за коронавирус исто така се чини дека се проблем.

Од почетокот на јули, само 922 луѓе во земјата со околу 25 милиони жители се тестирани за вирусот, изјави претставникот на СЗО во Северна Кореја, д-р Едвин Салвадор.

Многу независни експерти за јавно здравје се сомневаат во тврдењето на Северна Кореја дека не постојат потврдени инфекции на „Ковид-19“.

Сепак, Северна Кореја има можност да го запре ширењето на кластерот, затоа што може брзо да спроведе мерки што другите земји побавно ги прифатија, истакнува „Си-ен-ен“ и додава дека во таа земја доаѓаат само мал број на туристи, дипломати и помошни работници.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Над седум милиони Американци ќе можат да добијат бесплатни лекови за прекумерна тежина

Марин Ле Пен може да предизвика огромна финансиска криза во Европа

По 20 години, уапсен е еден од најбараните бегалци по кои ФБИ имаше издадено потерница