Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да ги партизираат општините со кои раководат и се однесуваат расипнички со парите на граѓаните, обвинуваат од СДСМ.
Како што велат од владејачката партија, последен доказ за тоа е земањето на цистерна од јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од општина Гевгелија од страна на општина Штип.
„Скандалозно, возилото од Гевгелија било испратено за Штип за да ги мие улиците пред посетата на Христијан Мицкоски на овој град. Ова е класичен пример на злоупотреба на општински ресурси за партиски цели, за која одговорност треба да понесат градоначалникот на општина Гевгелија и директорот на комуналното претпријатие.
Наместо да работат за граѓаните, градоначалниците на општините Гевгелија и Штип, како и многу други, работат единствено за интересите и ќеифот на Мицкоски“, се наведува во партиската реакција во која се додава дека во првите шест месеци од мандатот градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ не сработеле ништо за граѓаните.