Опозицијата во Собранието ги блокира сите процеси важни за граѓаните и иднината на државата, воопшто не се грижи за здравјето на граѓаните, ниту за реализацијата на економските мерки за помош на погодените од коронакризата, кочи и десетици закони важни за развој и напредок на државата и институциите, реагираат од СДСМ.
„ВМРО-ДПМНЕ заедно со неформалните коалициски партнери Алијанса и Левица, заеднички учествуваат во блокирање на законите кои обезбедуваат реализација на економски мерки од четвртиот и петтиот пакет, со што им задаваат дополнителни грижи на илјадници граѓани и компаниите кои ја чекаат помошта од државата за справување со последиците од кризата“, велат од владеачката партија.
Според нив срамно и понижувачки е пратеник да им вели на граѓаните да се стрпат некој месец без плата, за истиот тој пратеник како што велат, да дојде во Собранието, да не се појавува на седници и да зема месечна плата неколкукратно поголема од минималната плата.
„Пратениците од сите политички партии имаат обврска пред граѓаните да си ја работат работата, за што земаат плата. Ако сакаат ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Левица да блокираат нека ги вратат платите овој месец, затоа што освен блокади ништо друго и не сработеа“, потенцираат од СДСМ.