Правдата е тука и ќе ја има се повеќе и се почесто, истакнуваат од владеачката СДСМ и според нив, во иднина се почести ќе бидат одговорите на институциите, како оној за обезбедување на присуство на Сашо Мијалков, кон сите кои како што велат, се ставаат над законот и се обидуваат да си играат со владеењето на правото.
„Преку силен одговор на државата, бегалецот Мијалков, беше спречен да ја напушти државата и принуден да се предаде. Обезбеден е неговиот притвор“, стои во соопштението од оваа партија.
Ова според СДСМ не значи и ослободување од одговорност на лицата поради кои се случи тој да биде недостапен за органите.
„Очекуваме брза и ефикасна истрага која ќе ги лоцира пропустите кои довеле до можноста за бегство на Мијалков и секако санкции за одговорните за кои ќе се утврди дека сториле свесни и намерни пропусти. Со овој случај падна во вода единствената улога на Мицкоски, поради која и беше поставен од Мијалков и Груевски на чело на ВМРО-ДПМНЕ“, напоменуваат од СДСМ.
„Мицкоски, кој претходно ги призна сите криминали на ВМРО-ДПМНЕ за кои се водат судски процеси, одново е поразен, му пропаднаа лажните обвинувања за „политички монтирани процеси“, исто како што не му успеа ниту блокирањето на Законот за Јавно обвинителство и преземање на предметите од СЈО“, додаваат од партијата на власт.