18 март 2020
Јавното здравје е соочено со огромен предизвик од глобални размери и затоа сите граѓани мора да ги почитуваат мерките и препораките за да се спречи натамошно ширење на вирусот Ковид – 19.
Сите граѓани сериозно да ја сфатат ситуацијата и доследно да ги почитуваат мерките и препораките на Владата, бидејќи секој поединец што се заштитува себе, истовремено ги заштитува и другите и дава придонес за полесно надминување на состојбата.
Граѓаните непотребно да не патуваат во странство, а оние македонски граѓани кои имаат престој во странство да се воздржат од враќање во земјата и да ги почитуваат мерките во државата каде што се наоѓаат. Сите гранични премини се затворени за премин на странски државјани, освен за влез на товарни камиони и претставници на дипломатскиот кор. Се затвора и Меѓународниот аеродром во Скопје за патнички сообраќај.
Согласно анализите и проекциите за економските последици, владата подготвува сет економски мерки за помош на стопанството, фирмите и граѓаните, за помош на најпогодените.
Веќе се замрзнати цените на основните продукти: на леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциони средства со состојба на денот на прогласување на пандемијата од Светската здравствена организација (СЗО), освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.
За побрзо и поефикасно надминување на последиците од коронавирусот неопходно е воведување на вонредна состојба со што ќе се постават поефикасни механизми за помош на здравствениот сектор, но и механизми за итна, навремена и ефикасна помош кон стопанските гранки кои се најмногу погодени од вирусот.
СДСМ уште еднаш им се заблагодарува и им оддава јавно признание и почит на сите кои учествуваат во превенцијата и борбата против овој вирус, здравствените работници, полициските службеници, припадниците на армијата, службениците, институциите.
Државните институции работат во полн капацитет, непрекинато максимално посветени и несебично се ангажираат да продолжат да ја држат ситуацијата под контрола.
Веруваме и во капацитетот на институциите и на граѓаните и очекуваме дека нивната одговорност и сплотеност ќе помогнат во справувањето со вирусот ковид-19. Здравјето пред се.
СДСМ – Центар за комуникации со јавноста
_________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки