Утрински Весник
Македонија

СДСМ поднесе барање до Собранието за свикување итна седница (ДПЛ)

СДСМ поднесе барање до Собранието за свикување итна седница (ДПЛ)

Скопје, 23 април 2020 (МИА) – Триесет и пет пратеници од СДСМ и нивни колеги од НСДП, ЛДП, Алијансата на Албанците, ДПА, Беса, Алтернатива и пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ претпладнево до Собранието поднесoa барање за свикување итна седница за да се потврдат одлуките за прогласување вонредна состојба поради пандемијата со Ковид-19 од страна на претседателот на државата.

Тие бараат врз основа на член 63 став 4 од Уставот, член 15 став 4 од Изборниот законик, како и врз основа на членовите 67 и 68 став два од Деловникот Собранието од претседателот на Собранието да свика итна собраниска седница со две точки на дневниот ред и тоа потврдување на одлуките на претседателот за прогласување на вонредна ситуација на целата територија на државата од 18 март и од 16 април оваа година.

Во документот пратениците наведуваат дека исполнети се условите за времетраењето на мандатот на пратениците за итно свикување на седница и оти не постојат пречки за свикување на седница.

На седницата која би била свикана Собранието конечно ќе има можност да ја оствари својата уставна надлежност согласно член 125 од Уставот, да ги потврди одлуките за прогласување на вонредна состојба кои ги донесе Претседателот, се наведува, меѓу другото, во барањето.

Собранието, како што стои во барањето „има особена должност и обврска во остварувањето на надзорот и контролата над Владата во вонредна состојба“.

-Имено, со Уставот, при непостоење на дополнително законско ограничување или регулирање на вонредната состојба, е оставен широк простор за постапување на Владата во вонредна состојба преку донесување уредби со законска сила со цел заштита на јавното здравје, а кои воедно задираат и ограничуваат уставно загарантирани права и слободи на граѓаните. Оттука, Собранието не смее да биде лишено или спречено да ја остварува својата уставна надлежност и должност да врши надзор и политичка контрола, се наведува во барањето.

Иницијативата е веќе доставена до претседателот на Собранието Талат Џафери. Засега нема информации како ќе постапи Џафери по добивањето и разгледувањето на Иницијативата, за што исто така нема пропишан рок односно дали ќе ја достави до другите пратеници и дали и кога ќе свика седница.

Тој вчера не сакаше да ја коментира Иницијативата посочувајќи дека сака најнапред да ја види па да се изјасни за неа. Претходно, неговиот став беше дека еднаш самораспуштен Парламент не може повторно да се свикува.

Против оваа иницијатива се изјаснија и од опозоциската ВМРО-ДПМНЕ, а ДУИ остави простор да ја погледне иницијативата па да се изјасни, нагласувајќи дека за ваквите одлуки е потребен општ консензус.

Собранието на Республика Северна Македонија се самораспушти на 16 февруари поради одржување на предвремените парламентарни избори на 12 април,  но тие беа одложени поради ширењето на коронавирусот. ев/лв/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Министерството за економија ја „спакува“ новогодишната кошничка

Владиката Тимотеј ќе биде погребан в четврток на Плаошник

СДСМ: Намалувањето на парите за чист воздух е удар врз здравјето на народот