ВМРО-ДПМНЕ шири невистини и лажни обвинувања за иницијативата за јавно приватно партнерство во Македонски Царини, реагираат од партијата на власт на ставовите изнесени од страна на Гордана Кочоска Димитриеска.
„Не е во ред Гордана Кочоска Димитриеска, која се смета за економски експерт да ги плаши компаниите со зголемување на нивните трошоци, кога иницијативата за воведување на јавно приватно партнерство во Македонски Царини е во почетна фаза, а бизнис моделот се разработува од мешовита работна група во која членуваат надлежните државни институции, вклучително и коморите“, велат од СДСМ.
Информираат дека се разгледуваат сите аспекти на овој бизнис модел, кој е пракса во повеќе европски држави, приватни компании да вршат следење и маркирање на акцизните стоки, па дури потоа би следеле евентуални законски измени, кои би ги создале предусловите за спроведување на јавно приватно партнерство во оваа сфера.
„Првичните проценки упатуваат дека преку имплементацијата на овој бизнис модел во Македонски Царини, само по овој основ ќе се обезбедат дополнителни 250 милиони евра, Буџетски приходи на годишно ниво“, известуваaт од партијата.
Додаваат дека постапката е максимално транспарентна и јавноста во секоја фаза ќе ги има сите информации за сите аспекти на иницијативата.