Утрински Весник
Македонија

СДСМ за избори по стабилизација на епидемијата, за ВМРО-ДПМНЕ не се приоритет, Филипче порача дека за датумот пресудна е Комисијата за заразни болести

СДСМ за избори по стабилизација на епидемијата, за ВМРО-ДПМНЕ не се приоритет, Филипче порача дека за датумот пресудна е Комисијата за заразни болести

Скопје, 3 мај 2020 (МИА) – Состојбата со епидемијата на Ковид-19, вонредната состојба, која произлезе од справувањето со коронакризата, а која претседателот Стево Пендаровски ја прогласи на два пати по 30 дена, но напомена дека нема намера тоа да го прави само тој во недоглед, како и одржувањето на изборите се темите на кои ќе се разговара на претстојната лидерска средба кај шефот на државата.

Лидерската, како што најави Пендаровски во интервју за „360 степени“ на ТВ Алсат М би требало да се одржи меѓу 10 и 12 мај, а во телефонски разговор потврда за учество добил од лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Пендаровски рече дека е во комуникација и со лидерите на албанските партии и од власта и од опозицијата.

Владејачката СДСМ на став дека изборите ќе се одржат во првата прилика, откако надлежните ќе оценат дека тоа е безбедно за граѓаните.

Генсекот на владејачката партија Љупчо Николовски вчера изјави дека изборите ќе се одржат во прва прилика кога здравството и епидемиолозите ќе кажат дека е безбедно.

-На база на сите стручни анализи, на база на епидемиолошките извештаи да се носат одлуките и во првиот можен рок да има избори и функционално собрание, рече Николовски.

Тој вчера обвини дека Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ покажале крајно неодговорно однесување во клучните моменти за здравјето на македонските граѓани. Тие се свесни за тоа, вели тој, и затоа бегаат од секој еден демократски мегдан. -Затоа не сакаат да функционира Собранието, затоа не сакаат нормализација и избори, потенцира Николовски.

Pet Utrinski

Според него, одговорноста на политичките партии и на институциите е да направат се, колку може побрзо да се обезбеди нормалното секојдневие  на граѓаните.

-Сите што се спротивставуваат на оваа цел на нормализирањето на состојбите придонесуваат земјата да ни остане во вонредна, во здравствено-економска криза, а тоа не е одговорно однесување, истакна Николовски.

За ВМРО-ДПМНЕ изборите не се приоритет во моментов. Потпретсдателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски вчера во однос на датумот на изборите рече дека кај нив воопшто во приоритетите ги нема изборите, додека пак за нив вонредна состојба не е прашање на одлука на кој било политичар, туку дека вонредната состојба е прашање поврзано со потребите.

-Во овој момент формата преку која што може да се реагира е вонредната состојба и тоа е состојбата која што ја имаме во моментов. Како ќе се одвиваат работите во иднина никој не може да претпостави но повторувам одлуките не треба да се носат врз основа на желба на Стево Пендаровски, Зоран Заев или било кој друг туку треба да се носат исклучиво врз основа на она што го имаме како реалност а тоа е дали се надминува или не се надминува здравствената и економска криза во Македонија, истакна Николовски.

А министерот за здравство Венко Филипче вчера за „Телма“ изјави дека датум за избори ќе има само кога Комисијата за заразни болести ќе го одобри тоа.

– Никогаш досега, ниту еден настан, ниту пак изборниот процес кој беше на почетокот на оваа криза закажан, не беше предмет на дискусија, ниту пак беше нешто врз основа на што ние ги темелевме препораките. Се што се предложи од Министерството и Владата, сите мерки беа димензионирани на прво место да биде здравјето на граѓаните. Во таа смисла, истиот терк на работа ќе продолжи и понатаму, истакна Филипче.

Нагласи дека и идните предлози ќе бидат носени врз основа на стручни аргументи, анализа на бројот на пациенти, на новодијагностицирани, на бројот на пациенти кои ги има во болниците и на домашно лекување.

ВМРО-ДПМНЕ остануваат на барањето Пендаровски на дневен ред на лидерската да го стави евроинтегративните процеси на земјата од аспект на бугарскиот документ, во кој се оспорува македонскиот јазик.

Според Николовски очигледно е дека претседателот Стево Пендаровски нема намера на престојната лидерска средба да го стави на дневен ред, според него, во моментот најзначајното прашање за иднината на Македонија и Европската интеграција.

Николовски го повика Пендаровски да ја земе улогата која што ја има како претседател на државата и на претстојната лидерска средба да го постави ова прашање и да се разговара и за европските интеграции на земјава од аспект на бугарскиот документ и условувањата со кои што е соочена Македонија.

А претседателот Пендаровски потенцира дека не е сигурен дека тој треба да даде дополнители 30 дена вонредна состојба иако, како што рече, ќе размисли дали по трет пат ќе биде единствениот кој ќе продолжува – 30, плус 30, плус 30 и така до крајот на годината.

Постои размислување дека уредбите со законска сила важат додека важи вонредната состојба. Потоа, за да евентуално продолжат да важат треба Собранието да ги потврди. Ако ги потврди ќе продолжат да важат, ако не, нема да важат, е едно од правните размислувања кои во интервјуто на Аласат М ги спомена претседателот Стево Пендаровски, а за кое го советувале правници.

-Само во вонредна состојба Владата може да носи уредби со законска сила. Не во некои регуларни парламентарни времиња. Што е кај нас проблемот? Парламентот никако да се состане бидејќи неговиот прв човек смета дека тој е дефинитивно распуштен, зачудувачки е што и главната опозициска партија смета дека не треба да биде оживеан парламентот кадешто би можела да има поголема парламентарна контрола, вели претседателот на државата. бк/ац/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме

На „Блаце“ и „Табановце“ се чека од 30 минути до 60 минути