СДСМ најостро ги осудува протестите, пораките, говорот на омраза, навредите кон докторите, медицинскиот персонал, но и новинарите и адвокатите на протестите во неделата, потенцираат преку соопштение од владејачката партија.
Додаваат дека правото на протест е уставно загарантирано, но како што посочуваат исто такво е и правото на здравје.
„Пораките од протестите, иконографијата идентична со опозициските митинзи, нападите против актуелни министри, покажуваат дека зад овие протести стојат ВМРО-ДПМНЕ и Левица, помогнати од движењето „Бојкотирам“. Токму ВМРО-ДПМНЕ и Левица силно се спротивставуваа на новите мерки за заштита на здравјето и за цело време од пандемијата дејствуваат спротивно од препораките, отворено поттикнувајќи непочитување на мерките. Дезинформациите и деструктивното однесување на ВМРО-ДПМНЕ и Левица кои одвраќаат од вакцинација се на директна штета на сопственото, но и колективното здравј“, е истакнато во соопштението од оваа партија.
Од таму подвлекуваат дека масовната вакцинација е единствениот начин за заштита на населението, затоа ги повикуваат граѓаните кои досега не се вакцинирале да го сторат тоа што поскоро.
„Од исклучителна важност е и почитувањето на новите мерки за заштита на здравјето. Во многу држави се бара ковид сертификат за влез во различни објекти и на настани и тоа не е дискриминација, туку одговорност и заштита на колективното здравје“, стои во соопштението од СДСМ.