Во Македонија има повеќе од 500 пештери, од кои само 364 се истражени. Имајќи ги предвид спелеолошките параметри може да се констатира дека дури 10% од македонската територија е под пештери.
Пештерите се голем предизвик и можат да се користат за образовно – научни цели и за развој на алтернативен туризам, кој за жал е доста кревок во нашата држава.
Во поречкиот регион лоцирани се повеќе од 50 пештери, сите богати со фантастични сталактити, сталагмити и други корални украси. Овој текст ќе има задача да даде неколку реченици за најраскошната и сопственичката на бесценета природна, но и историска убавина – пештерата Пешна, која се наоѓа од десната долинска страна на реката Треска во Поречкиот басен. Кога се зборува за пештерата Пешна, било да се медиуми или интернет портали, како непишано правило, здодевна навика и некреативнa рутинa стана сувопарно да се набројуваат и повторуваат само едни исти податоци за истата: најголем отвор на Балканот (16.8 х 52.4 метри), пештера која реномираниот New York Times ја споредува со Helms Deep од култниот филм ,,Господар на прстените’’, наводното постоење на човечка рипка во пештерските подземни води…итн.
Таков монументален споменик на природата и историјата заслужува повеќе внимание и поразличен начин на промовирање. Заситеноста од едни исти информации води до дефинитивна незаинтересираност на јавноста. Жално е за пештерата Пешна да знае само регионалното население, спелеолошките друштва и некои случајни патописци – новинари. Убавината на овој локалитет за жал никогаш ја нема на некој од државните промотивни туристички спотови. Триесетина години Пешна е под тотален медиумски мрак и фрлена во сенката на заборавот на, без да им одземам значење, комерцијалните и постојано форсирани Охрид, Галичник, Матка, Хераклеа, Бигорски манастир, Смоларски водопади… Ова, исто така важи и во делот на археолошката грижа, таков бесценет вруток на историја како што е Пешна не е истражен повеќе од 40 години…
А, Пешна има што да му покаже на Светот. Освен природната убавина, таа во себе чува митови, легенди и милениумска историја, на која не останал рамнодушен ниту еден посетител. Со самиот влез во грандиозниот пештерски отвор, веднаш се има чувство дека местото дише со историја. Само неколку секунди молк со затворени очи и ќе го чуете ѕвецкањето на мечовите на доцноантичките воини, тропотот на коњите од средновековната извидничка коњаница на Крал Марко, лелекот на комитите од миењето на крвавите рани со ладната понорна вода, мирисот на барут од партизанските пушки, тресокот на дваесет и трите неуморни воденички камења…
Светот мора да дознае за Пешна. Не заслужува еден таков локалитет со толку големо природно и историско значење да има подредена улога и само локално значење.
Должноста е индивидуална, но и на државата да вложи повеќе љубов кон неа, бидејќи како што пишува познатиот руски писател Константин Паустовски – „Љубовта кон татковината започнува со љубов кон нејзината природа и минато“.
Автор: Зоран Трпчески
Фото: Драган Николоски