Делчево, 18 април 2020 (МИА) – Излезе од печат „Сатирични мистерии”, прва книга со избор на афоризми од македонски автор преведени и издадени во Бугарија и една од ретките книги од македонски писател сатиричар издадена во странство. Книгата ја работеше познатиот бугарски сатитичар Веселин Димитров, а во делото се сместени над 1500 афоризми од целокупното творештво на македонскиот сатиричар Миле Ѓорѓијоски.
Ѓорѓијоски истакна дека нема поголема чест за еден автор од претставувањето на неговото творештво во други држави, во конкретниов случај во Бугарија.
– Презадоволен сум од изборот и преводот на афоризмите кои за оваа книга ги работеше познатиот бугарски писател и сатиричар Валентин Димитров. Истата содржи 1555 афоризми кои се избор од целокупното мое досегашно творештво. Се надевам дека „Сатиричните мистерии” ќе биде омилена книга на љубителите на сатирата во Бугарија, истакна Ѓорѓијоски.
Илустратор на „Сатирични мистерии” е карикатуристот Миро Георгиевски, додека авторот на портретот Владимир Голуб од Русија. Ѓорѓијоски досега има издадено14 авторски книги и подготвено 15 алманаси на афоризми, меѓу кои и антологијата на европски афоризми Трагачи по парадокси III.
– Моментално работам на подготовка на неколку мои нови книги со афоризми, сатирични коментари, комедии и детски афоризми, дополни Ѓорѓијоски.
Ѓорѓијоски е носител на престижните награди „Златен круг” за придонес во развојот на светската сатира и наградата „Екселенција сатира” кија се доделува во чест на писателот Радое Домановиќ. вс/фф/