Утрински Весник
Свет

САД се длабоко загрижени поради извештаите дека Турција тестира ракетни системи С-400

САД се длабоко загрижени поради извештаите дека Турција тестира ракетни системи С-400

Американскиот Стејт департмент изрази вознемиреност поради извештаите за можни тестирања во Турција на ракетни системи С-400 од руско производство, пренесува „Спутник“.

„Свесни сме за овие извештаи. Продолжуваме силно да се спротивставуваме на купувањето на системот за противвоздушна одбрана С-400 од страна на Турција и длабоко сме загрижени за извештаите дека Турција продолжува со своите напори за ставање во функција на С-400. Нашата суспензија на Турција од програмата за Ф-35, како одговор на купувањето на С-400, ја сигнализираше сериозноста со која администрацијата пристапува кон ова прашање“, рече портпаролот на Стејт департментот.

Вашингтон продолжува да нагласува на највисоки нивоа дека договорот за С-400 меѓу Анкара и Москва останува голема пречка во турско-американските односи и во НАТО.

Портпаролот изрази надеж дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и оние кои се во неговото опкружување ќе ја разберат позицијата на Вашингтон по ова прашање.

Забелешките доаѓаат во време на извештаите дека Анкара ги распоредила своите ракетни системи С-400 во северниот турски град Самсун, наверојатно за тестирање – нешто што сè уште не е официјално коментирано од турските власти.

Авијацискиот блог Fighter Jets World, повикувајќи се на неименувани разузнавачки извори, кон средината на јули пишуваше дека турската армија почнала ново теренско тестирање на С-400 против борбените авиони Ф-16 и Ф-4 произведени во САД, во водухопловната база „Муртед “ во близина на Анкара.

Во ноември 2019 година, американскиот државен секретар Мајк Помпео изрази загриженост за тестирањето на С-400 од страна на Турција, велејќи им на новинарите дека САД јасно ѝ ја соопштиле на турската влада желбата да се откаже пд целосна операционализација на С-400.

Испораките на руските С-400 во Турција почнаа во јули 2019 година, што предизвика криза во односите на Анкара со Вашингтон.

Белата куќа побара Турција да се откаже од договорот и наместо тоа да ги купи ракетните системи „патриот“ на САД, заканувајќи се дека ќе ја одложи, па дури и дека ќе ја откаже продажбата на ловците Ф-35 на Турција или ќе воведе санкции.

Анкара им пркосеше на заканите и продолжи со преговорите со Русија за испорака на дополнителен број на С-400.

САД постојано тврдат дека руските ракетни системи се некомпатибилни со безбедносните стандарди на НАТО и дека може да ги компромитираат операциите на нивните борбени авиони од петтата генерација Ф-35, обвинувања што Турција жестоко ги отфрла.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме

Писториус: Европа се соочува со долгорочна руска закана

Пет ракети истрелани од Либан врз Израел