Делчево, 14 март 2020 (МИА) – Слаба посета на граѓаните и предвремено заминување на трговците дома. Ваква беше сликата денеска на градскиот пазар во Делчево, кој поради мерките за претпазливост и првите случаи на коронавирус остана и без домашните купувачи, но е без гостите од соседството.
Усаин Фејзулов вели дека поради слабата продажба, а и поради мерките за претпазливост за спречување на појавата на коронавирус, следната сабота најверојатно ќе останат дома.
-Така ќе се спасиме и од трошоците, бидејки секако денеска побарувачката беше слаба, а трошокот за да дојдеме овде го направивме. Се додека владее оваа ситуација најдобро е да се повлечеме и да не продаваме, се додека условите не дозволат поинаку да се однесуваме, вели Фејзулов.
И останатите трговци ја поддржуваат идејата.
– Слабо да ви кажам право, денес гледате колку е празно, но оправдано, таква е ситуацијата. И гостите од Бугарија ја сфатија сериозноста на ситуацијата останаа дома. Едвај десетина луѓе имаше денес од Бугарија на пазар. Ние од ова зависиме и ќе биде тешко, но ќе издржиме, додаваат трговците.
Иако најпродавани денеска беа раноградинарските производи и јужното овошје, сепак остана впечатокот дека повеќето луѓе останаа дома и не се решија да ризикуваат да го посетат пазарот поради мерките за спечување на појавата на коронавирус. вс/мс/