Седмата годишнина од протестите на „Мајдан“ во февруари 2014 година нема да стане пресвртна точка во истрагата за смртните случаи за време на митинзите и казнувањето на одговорните за трагедијата, изјави директорот на Украинскиот институт за политика, Руслан Бортник, за ТАСС.
„Не треба да очекуваме објективна истрага од оваа влада. Оваа влада се оддалечува на десно флертувајќи со радикалите, го избра својот курс. По промената на владата во Украина, исто како и во 2019 година, повторно ќе се појави шанса за објективна истрага, но не мора да значи дека ќе биде искористена“, изјави експертот.
Тој истакна дека актуелната украинска влада сè уште живее во циклусот „Мајдан“ претставувајќи ги неговите победници.
„Се обидува да ја зачува оваа победа и да ја зајакне на кој било начин. Само целосната истрага на оваа трагедија ќе има клучно значење за Украина како држава“, рече Бортник додавајќи дека без неа Украина ќе остане поделено општество.
На 21 ноември 2013 година, една недела пред предвиденото потпишување на Договорот за асоцијација меѓу Украина и ЕУ на самитот на источното партнерство во Вилнус, украинската влада објави прекинување на процесот на подготовки за потпишување на тој договор.
Тоа предизвика масовни немири во центарот на Киев, кои на крајот резултираа во тримесечен судир, попознат како евромајдан или едноставно Мајдан, на централниот плоштад во Киев. Демонстрантите зазедоа голем број административни згради и ги свикаа т.н. вооружени сили за самоодбрана, кои влегоа во отворен судир со полицијата.
На 20 февруари 2014 година, дури 53 лица беа убиени од неидентификувани снајперисти во центарот на Киев. Повеќе од 100 лица беа жртви на пресметката на 18 до 20 февруари, а повеќе од 100 беа ранети. Според украинското МВР, повеќе од 1.000 полицајци и специјалци биле ранети во периодот од 21 ноември 2013 година и 20 февруари 2014 година.
Сепак, украинските обвинителни органи замижаа за истрагата на овие факти. Режимот што ја презеде власта потоа ја префрли вината за овие злосторства врз полицајците од интервентната единица „Беркут“. Во мај 2015 година Окружниот суд во Киев почна да ја разгледува основаноста на случајот против поранешните офицери во „Беркут“, кои се обвинети за свесно извршување криминални наредби за употреба на оружје, злоупотреба на моќ, нелегално ракување со оружје, како и терористички напад. Ниту еден од нив не се изјасни виновен за ниту едно од обвиненијата.