Обвинителката Вилма Русковска го уверуваше судот дека ќе докаже како ексгенералниот секретар набавувал два софтвери, кабини и камери без тие да бидат потребни, ниту можност да се имплементираат.
Според Русковска, Рашковски набавувал од фирмата на Даниел Станчев, па постојано му кажувал како течела јавната набавка, а кога се наддавало, Рашковски иако не смеел, му кажувал и со која цена да настапи фирмата „Инвока груп“ каде Станчев е управител. За неа, изборот јавната набавка да ја добие токму оваа фирма, не е случајно бидејќи откако е основата најголемиот број на приходите се од Генералниот секретаријат на Владата.
Обвинителката е децидна дека Рашковски водел и директна контрола врз фирмата на Станчев, со кого се знаеле од порано. Рашковски имал псевдоним кој Русковска не го откри.
„Теоријата на моќ, еквиваленција, жртва и теоријата на суверенитет која е доминантна во 21 век. Секој граѓанин треба да допринесува со своите средства за државата. Секој граѓанин е должен да обезбедува дел од својот приход, а народот очекува рационално да ги троши нивните пари. Ќе го увериме судот дека Драги Рашковски како генерален секретар на Владата нерационално, неекономично и непродуктивно ги трошел народните пари, за набавка, кабини, софтвери, камери, кои и три години по нивното набавување не се користат. Дел не се наоѓаат ниту во Владата. Ќе докажеме дека Рашковски ја злоупотребувал функцијата за свои цели. Софтверот не се користи и по две години откако е набавен. Дали може и воопшто да се користи при постојат законска регулатива, факт кој бил познат на обвинетиот при набавка на софтверот, кој Обвинителството ќе го докаже. Ако се имаат во предвид законските одредби и надлежности на генералниот секретаријат, јасно е на сите дека истиот нема надлежност да снима и издава казни за возење со брзина поголема од дозволената. Овде има друга позадина, а тоа е патентот на Драги Рашковски, односно неговиот личен интерес. Софтверот е нефункционален и затоа не се користи. Софтверот е предаден во 2020 година кога требало да се имплементира. Обвинителската постапка е почната пред не цела година, па ако истиот можел да се стави во функција, имало време тоа да се направи. но очигледно е дека тоа не било вистинската цел со набавката на овој софтвер. Оваа постапка придонесе граѓаните да дознаат дека биле потрошени над четири милиони денари за нешто што било заборавено и не било ставено во функција, а интервенциите во софтверот, се правеле откако се објави овој настан“, кажа Русковска.
Тука, според Русковска, имал помош од обвинетите Игор Христов и Ивица Димитровски, кои постапувале според напатствија од Драги Рашковски. Па така, набавен бил уште еден софтвер, овој пат за биометриска идентификација. Тој ниту денес не се наоѓа во Владата, а ниту кабините кои Рашковски ги набавил, стојат во поранешната фабрика „Стаклара“ и не се користат. За Русковска рече дека се набавувале софтвер и кабини, кои ги карактеризираше како „скапи и непотребни“. Системот за биометриска идентификација бил изработен од Ивица Димитровски пред предметната постапка, заедно со камерите и кабините. Па Рашковски заедно со Димитриовски направиле и спецификација за јавна набавка. Потоа, фирмата „ГБЦ системи“ на Игор Христов без да ги добие спецификација, се понудил да ги набави, тврди Русковска. Со парите од набавката, според обвинителката, се набавило возило „Волво“ за кое овластена да го управува била неговата сопруга.
„Обвинителството дојде и до сознанија за набавка на систем од страна на генералниот секретар, а кој повторно ниту една институција не го барала, ниту се користел, а тоа е системот за биометриска идентификација вреден над 6,5 милиони денари. Ќе се докаже дека обвинетиот, помогнат од Ивица Димитровски започнал со креирање на систем за издавање на биометриски документи, а за кој надлежна е МВР. Фактот им познат на двајцата обвинети. Дека и овој систем не бил за граѓаните, туку за материјалните интереси на обвинетите, ќе се уверите од доказите преку кои ќе се утврди дека овој систем воопшто не се наоѓа во зградата на Владата иако е исплатен во целост. Покрај докази за ваквите факти, ќе докажеме дека системот иако не се наоѓа во зградата на Владата, за истиот Рашковски исплатил 610 илјади денари на вработените за користење на системот, а дополнителни пари се потрошени за тестирање на системот. Ќе произлезе и дека обуки не биле спроведени, ниту пак можел системот да биде тестиран, кога тој не бил завршен и имплементиран“, кажа Русковска.
Со помош на Ирена Ивановска, ги ангажирал Игор Ивановски и Маја Сиљановска, кој не исполнувале никаков договор, туку исплатените средства на нивните сметки, ги ваделе во готовина и ги давале на Драги Рашковски, посочи Русковска. Двете лица, според обвинителката, биле блиски лица од доверба на Ивановска.
„Дека Сиљановска не ги исполнувала работните обврски, ќе се уверите дека Ирена Ивановска што да стои во извештаите за работните ангажмани, па таа во седми месец ги креирала извештаите за претходните четири месеци. Обвинителството ќе докаже дека Сиљановска за секој месец изготвувала извештаи, праќала кај Ивановска, па добивала пари од авторска агенција, па преку Ивановска ги предавала на Рашковски. кога му се брзало на Рашкоски да ги добие парите, Ирена давала нејзини пари додека да стигнат. Вкупните хонорари се 1.320.000 денари. Покрај овие хонорарци, кои не извршувале работни обврски, обвинетиот Ивица Димитровски кој бил вклучен во набавката на софтверот, исто така враќал пари кај Рашковски. 5 према 3 предавал пари“, кажа Русковска.
Според неа, со нелегалните пари Рашковски плаќал школарина, уплаќал на сметките од неговите деца. Таа посочи дека Рашковски со тие пари предвремено исплатил и кредит.
„Се стекнал со имот и предмети без да троши пари од својата трансакциска сметка. Обвинетиот Рашковски враќал предвремено кредити, купувал имот од наводни позајмици, но Обвинителството ќе докаже дека тоа се наводни позајмици а не легални“, додаде Русковска.