Главниот лекар на болницата во Омск ги демантираше тврдењата дека супстанција опасна за неговиот живот и околината, наводно, била пронајдена во телото на Алексеј Навални.
Д-р Александар Мураховски изјави дека засега сите анализи се негативни.
„Јас во мојата работа се водам според службени документи. Официјалните документи што пристигнаа од нашата хемиско-токсиколошка лабораторија, тој спектар на супстанции што веќе ги има проверено апаратот, сите покажуваат негативни резултати“, рече Мураховски пред новинарите, додавајќи дека не може да каже кои супстанции биле анализирани, пренесува порталот „Спутник“.
Мураховски изјави дека Навални сè уште е во несвест и дека е приклучен на респиратор, како и дека транспортот на пациентот не е можен дури и ако семејството на Навални ја преземе одговорноста за тоа, бидејќи неговата здравствена состојба е нестабилна.
Заменик-главниот лекар во болницата, Анатолиј Калниченко, исто така, потврди дека отровот не бил пронајден во телото на Навални за време на тестирањето и дека лекарите веруваат дека тој не бил отруен.
„Не се пронајдени траги од отров во неговиот систем“, рече тој, додавајќи дека лекарите нема да ја споделат дијагнозата со медиумите кога ќе ја утврдат, но за тоа ќе ги известат неговата сопруга и братот.
Претходно денес, директорот на Антикорупцискиот фонд, чиј основач е Навални, Иван Жданов, рече, повикувајќи се на сообраќајната полиција, дека во телото на Навални пронашле опасна супстанција, која претставува опасност не само за него туку и за неговата околина.