Утрински Весник
Свет

Руските доктори нe дозволуваат транспорт на затруениот Навални во странство

Руските доктори нe дозволуваат транспорт на затруениот Навални во странство

Руските доктори не дозволиле опозиционерот Навални, кој важи за најголем критичар на Путин во Русија, a е во кома по сомнение за труење, да биде транспортиран во странство за понатамошно лекување.

Неговата портпаролка рече дека лекарите подлегнале на притисокот од руските власти, додека главниот лекар во болницата во сибиркиот град Омск тврди дека одлуката е донесена бидејќи Навални сè уште не е во доволно добра состојба за да може да патува. Според медиумски извештаи, тој требало да биде пренесен во Германија за понатамошно лекување, пишува „Скај њуз“.

Алексеј Навални беше хоспитализиран вчера утрото под сомнение дека е затруен пред да се качи на лет од Томск за Москва. Германската канцеларка Ангела Меркел претходно изјави дека Германија е подготвена да му пружи медицинска помош на Навални, доколку добие барање да го стори тоа.

„Ако тие побараат, ние ќе обезбедиме медицинска помош, вклучително и во германските болници, но мора прво да добиеме барање“, рече таа на прес-конференција што ја одржа по средба со францускиот претседател Емануел Макрон, на југот на Франција.

„Билд“ исто така објави дека болница во Берлин е подготвена да го лекува Навални. Сепак, од болницата никој не бил достапен за коментар.

На Навални, кој важи за жесток критичар на претседателот Владимир Путин, му се слоши на летот кон Москва, откако на аеродромот во Томск се напил чаша чај.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Пожар во фабрика за воена опрема во Русија

Aвион на DHL се урна врз двокатна куќа во Литванија

Независниот кандидат Калин Георгеску е најверојатно новиот претседател на Романија